Причината за млаките или ладните радијатори овие неколку дена во Скопје, како што тврдат од снабдувачот Балкан Енерџи Груп, наводно е намалената испорака на топлинска енергија поради ремонтот на гасоводниот крак кој води кон Македонија од страна на бугарската компанија „Булгартрансгаз ЕАД“. Тоа, пак, според нив, е причина за АД ГА-МА да испорачува помали количества на енергија.
Според соопштението ваквата намалена испорака ќе трае до утре, 29 октомври, но според нив, температурата во објектите кои се приклучени на системот за централно греење нема значително да се намали.
„Во периодот од 27 до 29 октомври можни се редукции на испраката на топлинска енергија, преку системот на централно греење. Овие редукции нема да влијаат на комфорот на потрошувачите, односно нема да има значително намалување на внатрешната температура на објектите. Причината за ограничување на транспортот на природен гас, како што извести АД ГА-МА, е изведувањето ремонтни зафати на грејниот период на транзитниот гасовод од Бугарија, кон земјава, кои ќе ги извршува бугарската компанија „Булгартрансгаз, ЕАД“, соопштија од БЕГ.
Инаку, уште минатиот четврток, 22 октомври, ГА-МА АД Скопје испрати соопштение до јавноста во кое стои дека: „поради извршување на планирани ремонтни работи на транзитниот гасовод на Република Бугарија кон Република Северна Македонија, од страна на „Булгартрансгаз“ ЕАД, во периодот од 27 до 29 октомври годинава ќе се транспортираат ограничени количини на природен гас до корисниците“.
Од компанијата додадоа дека за оваа настаната ситуација, уште на 26 август 2020 година, со допис биле известени сите корисници на системот за пренос на природен гас (трговци, снабдувачи и дистрибутери), како и надлежните институции.
Оваа информација за ремонтите на гасоводот од бугарска страна, е објавена и на веб страницата на „Булгартрансгаз“, на 2 октомври годинава, заедно со листата на сите други планирани и тековни зафати и ремонти на гасоводите во Бугарија, поради што ќе дојде до прекини или ограничување на услугите за компаниите и во преносниот капацитет.