Утрински Весник
Свет
300x250 opst2

Бајден: Сакаме да ја завршиме интеграцијата на Западен Балкан во европските институции

Бајден: Сакаме да ја завршиме интеграцијата на Западен Балкан во европските институции
Img 7972

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, истакна дека неговата земја и Германија се решени да го завршат процесот на интеграција на Западен Балкан во европските институции и на тој начин да постигнат целосна, слободна и мирна Европа, јавуваат агенциите.

Бајден во Вашингтон се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, а по средбата истакна дека имале исклучително конструктивен разговор и додаде дека ќе продолжи да работи на зајакнување на алијансата и сеопфатното партнерство меѓу САД и Германија.

Бајден и Шолц посветија најмногу внимание на руската закана за Украина. Двајцата лидери рекоа дека бараат дипломатско решение за ситуацијата.

Една од темите на средбата беше и Западен Балкан, за што Бајден зборуваше по средбата.

„Исто така, ја потврдивме нашата посветеност да ја завршиме работата за интегрирање на Западен Балкан во европските институции и конечно да постигнеме целовита Европа, слободна и во мир“, рече Бајден.

Тој понатаму рече дека САД и Германија се блиски пријатели и сојузници на различни меѓународни платформи и на билатерално ниво и дека не постои прашање од глобално значење во кое Германија и САД не работат заедно.

Германскиот канцелар Шолц изрази задоволство од првата посета на Вашингтон и додаде дека е добро што во овој тежок период имал можност да разговара со американскиот претседател Бајден.

Тој рече дека Германија, САД и сојузниците во НАТО не можат да молчат за заканите на Русија кон Украина, бидејќи акумулацијата на руски војници на украинската граница е безбедносна закана и за Европа.

Можете да прочитате

Бабиш прогласи победа на неговото движење АНО на изборите во Чешка, премиерот Фиала му честиташе

Трамп предупреди дека нема да толерира одложување на одговорот на Хамас

Демонстранти упаднаа во дворот на претседателската палата во Тбилиси на денот на локалните избори