Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ќе ги споделат вакцините против коронавирус со други ако има вишок.
„Ако имаме вишок, тогаш ќе го споделиме со остатокот од светот“, рече Бајден во Белата куќа.
Тој рече дека вирусот не е нешто што може да се запре со ограда, без оглед колку е висока.
„На крајот, нема да бидеме безбедни сè додека светот не биде безбеден. Прво ќе се погрижиме Американците да се вакцинираат, а потоа ќе се обидеме да им помогнеме на другите“, рече тој.
Бајден рече дека им наложил на координаторот на коронавирус во Белата куќа, Џеф Зиетс и на Министерството за здравство, да нарачаат дополнителни 100 милиони дози од вакцината на „Џонсон и Џонсон“, која се дава во единечна доза и е одобрена за итна употреба од страна на американската Агенција за храна и лекови минатиот месец.
Американскиот претседател вети дека ќе има доволно вакцини за 260 милиони возрасни Американци до крајот на мај. Околу 328 милиони луѓе живеат во САД, потсетува ДПА.