Утрински Весник
Свет

Бахреин осуетил терористички напад

Бахреин осуетил терористички напад

Саудиските државни медиуми објавија дека Бахреин спречил терористички напад наводно планиран од група која се нарекува „Бригада Касем Солејмани“ и која дејствува со поддршка на Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), означен како терористичка организација.

Извештајот на саудиската државна телевизија вклучувала снимки од полицијата која упаѓа во еден дом, открива скриен склад и запленува пушки и експлозив. Во извештајот се вели дека терористите планирале напад за да се одмаздат за смртта на иранскиот генерал Касем Солејмани, офицер на ИРГЦ, убиен на ирачка територија во напад на американски дрон во јануари.

Бахреин е сунитска муслиманска островска монархија со бунтовно мнозинско шиитско население. Иран е најголемата шиитска сила на Блискиот Исток. Бахреин е важна база за Петтата флота на САД, а минатата недела им се придружи на Обединетите Арапски Емирати во нормализирање на односите со Израел.

Министерството за внатрешни работи на Бахреин во неделата потврди дека спречило терористички напад поддржан од ИРГЦ. Иако извештајот на саудиската телевизија имплицираше дека терористичкиот заговор и полициската рација се неодамнешни случувања, Министерството рече дека устрагата на обвинителството е во тек од почетокот на годинава.

„Сакаме да појасниме дека овој случај датира од почетокот на 2020 година и во моментов се разгледува од страна на релевантниот суд“, рече Министерството.

Еден весник од Бахреин во неделата објави дека властите откриле бомба покрај еден пат очигледно наменета да таргетира странска делегација во посета. Во полициската рација опишана во саудиските медиуми биле запланети опрема за производство на бомби, огромна сума девизи и книги поврзани со терористичката идеологија.

Во извештајот на Бахреин се вели дека во случајот тероризам се опфатени 18 обвинети, од кои девет бегалци кои во моментов живеат во Иран. Во него се вели дека „Бригадата Касем Солеимани“  е поврзана со постојната милитантна шиитска група наречена Бригада Ал-Аштар, која изврши неколку терористички напади во Бахреин, од кои два беа смртоносни.

Командантот на ИРГЦ, генерал Хосеин Салами, во саботата објави порака упатена до американскиот претседател Доналд Трамп, во која се заканува дека ќе им се одмазди на сите одговорни за смртта на Солејмани.

Салами ги негираше извештаите дека Иран планирал да ја убие американската амбасадорка во Јужна Африка, Лана Маркс, со образложение дека Иран никогаш нема да нападне обична амбасадорка за да се одмазди за „нашиот маченички брат“ Солејмани.

„Ќе ги нападнеме оние кои имаа директни и индиректни улоги. Треба да знаете дека секој што имал улога во настанот ќе биде цел, и ова е сериозна порака. Ние докажуваме сè во пракса. Господине Трамп! Нашата одмазда за мачеништво на нашиот голем генерал е очигледна, сериозна и реална! “, се закани Салами.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење