Скопје, 4 јуни 2020
Вонредната состојба во државата ќе биде укината, но вонредната состојба за стоматолошките ординации сега започнува и можеби ќе трае долго или засекогаш. Covid-19 нема да исчезне, заразата ќе трае, во одредени периоди ќе експлодира, а докторите стоматолози со нивниот здравствен персонал постануваат најзагрозената група на здравствени работници, гледано од аспект на загрозување на нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Тоа значи дека секој здравствен работник во стоматолошка ординација има голема шанса да ја плати најскапата цена и тоа е судбина и должност од професијата. Нема да бегаме и ќе им служиме на нашите пациенти. Од овие причини се изготвени и строги превентивни протоколи околу приемот на пациентите, превентивни протоколи за заштита на пациентите и персоналот при интервенциите, превентивни протоколи за одржување на просториите, опремата и инструментариумот. Сето ова е неминовно потребно и во интерес на персоналот и пациентите, гледано од аспект на заштита од заразата.
Спроведувањето на превентивните протоколи донесоа посебни процедури при прием на пациентите, зајакнати мерки на хигиена и дезинфекција на просториите и опремата, посебни мерки на стерилизација на инструменти, средства и опрема за лична заштита при работа, како заштита на пациентите. Сето ова доведе со сериозно зголемување на директните и фиксни материјални трошоци по примен пациент, независно од видот и сложеноста на интервенцијата. Задолжителните процедури при спроведување на превентивните протоколи од своја страна донесуваат во најмала рака дуплирање на потребното време за извршување на интервенциите, па за едно работно време сега се прават двојно помалку услуги отколку во претходни нормални услови. На овој начин индиректно се зголемени трошоците на интервенциите за 100%. На сето ова е наметната уште една несреќа од страна на самопрогласена Кризна група на Стоматолошка комора, која наметнува рестрикции на стоматолошките интервенции, што е неразбирливо кога со превентивните протоколи се бараат мерки на максимална превентивна заштита при интервенциите. Зачудува што на овие рестриктивни препораки Фондот за здравствено осигурување им дава легалитет, а со тоа уште повеќе се намалува можноста за заработувачка во амбулантите, а трошоците по единечна услуга индиректно се зголемуваат. Во стоматолошка ординација ако се
забранува употреба на високовртежни насадни инструменти, всушност значи скоро ништо да не се работи. Тогаш отворено се поставува прашањето зошто започнаа со работа стоматолошките ординации?!
Строгите превентивни протоколи доведоа до неминовна потреба од дополнително инвестирање во опрема и инструментариум, пред сѐ во набавка на автоклави за стерилизација, поголем број на високо и нисковртежни насадни инструменти, инсталации за ултравиолетова стерилизација на просториите, ултрасонични кади за чистење и дезинфекција на инструментите после секоја употреба од секој пациент. Просечната инвестиција само по овие основи изнесува околу 10.000 евра, и тоа пак ги оптоварува вкупните трошоци на секоја наша услиуга.
Во договорите со ФЗО ниту висината на капитацијата, ниту партиципацијата, а кај специјалистичките услуги цените на услугите не се носени со претпоставка и пресметани со вака зголемени трошоци на работење.
Укинувањето на карантинските мерки и полицискиот час за нашите ординации воопшто не предвидуваат
олабавување на мерките за спроведување на превентивните протоколи. Напротив, поверојатна е претпоставката дека ќе има потреба точно од заострување на превентивните мерки, бидејќи веќе е јасно дека со корона вирусот понатаму треба да живееме. Или поточно, скоро никогаш нема да се вратеме на претходното ниво на мерки на заштита при работата.
Поради лошата финансиска состојба на ПЗУ од областа на стоматологијата во Ноември минатата година беше закажан протест пред Министерството за здравство, но не се одржа, односно беше ставен во мирување, бидејќи Министерот за здравство покажа разбирање за проблемите и формира работна група со претставници од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи, Министерството за здравство, ФЗО и Стоматолошката комора.
Работната група имаше за задача да ги разгледа и оцени барањата на Здружението и предлозите за подобрување на материјалната состојба на ПЗУ од областа на стоматологијата, и своите предлози за решавање да ги достави до Министерот за здравство и до ФЗО.
Комисијата во текот на Ноември и Декември 2019 година, на 5 одржани средби донесе свои заклучоци и
предлози и ги достави до Министерството и до ФЗО. Од расправата и анализите правени во комисијата и тоа од страна на сите аспекти од интерес на пациентите и здравствените работници во стоматолошката дејност беше оценето дека едно од најсериозните решенија за подобрување на материјалната состојба на ПЗУ од областа на стоматологијата, а при што квалитетот на стоматолошките услуги само би се подобрил е следното :
1. Напуштање на институтот матичен стоматолог
2. Напуштање на моделот на финансирање по моделот на капитација
3. Градење на модел на финансирање според завршена стоматолошка услуга со утврден минимален праг
на месечен износ по тим од 90.000 денари како фиксен износ и анализа на реализирани услуги до и над
договорениот фиксен дел. За специјалистите минималниот праг на месечен износ да изнесува 180.000
денари по тим.
Со оглед на тоа дека за промена на моделот за финансирање се потребни измени во Законот за здравствена заштита и во Законот за здравствено осигурување, сите бевме сложни дека тоа е процес и дека во моментот кога не постои функционален Парламент оваа промена можно е да се направи само за 2021 година. Поради тоа, предложивме и времени мерки кои требаше да ја подобрат финасиската состојба. За привремените мерки беше посебно расправано и за дел од нив, позитивно се изјаснија и претставниците на ФЗО на состанокот во Министерството за здравство. Прифатените времени мерки во колку беа прецизирани, требаше да се применуваат од месец Јуни, 2020 година.
Распишаните предвремени парламентарни избори, а потоа и пандемијата со корона вирусот ги прекинаа сите активности околу преговорите за имплементација на времените мерки за кои ќе имаше согласност од сите страни кои се одговорни за финансирањето на ПЗУ.
Новонастанатите услови под кои се работи поради опасност од заразата со вирусот, како на персоналот така и на пациентите, предложените времени мерки за финансирање, не само што постанаа ургентно потребни за ублажување на состојбата, но се покажува дека во актуелната ситуација се недоволни, па има потреба да се интервенира и со дополнителни мерки. Да потсетиме за дел од времените мерки кои беа предложени од Здружението:
1. При утврдување на капитацијата и бројот на поените да се применат различни коефициенти за поедини
возрасни групи на пациенти, аналогно на пресметувањето кај матичните лекари од општа медицина.
2. Воведување на рурален стоматолог
3. Младите доктори стоматолози кои почнуваат со работа да стартуваат со 800 поени при одредувањето на
висината на капитацијата, независно од бројот на запишани пациенти.
4. Минималната месечна исплата во ПЗУ кои работат во мрежата да изнесува 60.000 денари, од страна на ФЗО
Пресметките зборуваат дека средствата и опремата за спроведување на превентивните протоколи, отежнатите услови за работа, двојно продолжено времето на услугите поради превентивните процедури, потребата од дополнително инвестирање во опрема и инструментариум, секое влегување на пациент во ординацијата чини фиксно околу 1500 денари, без да се смета чинењето на самата услуга.
За да можат да опстанат стоматолошките ординации некој мора да ги надокнади енормно зголемените трошоци на работењето. Паролите дека зголемените трошоци не смеат да паднат на грбот на граѓаните се гол популизам, со кој се залажуваме и самите себе. Не постои друг грб освен грбот на граѓаните, па не е важно дали тоа ќе бидат средства собрани од придонеси за здравство, од буџетски средства или директно наплатени од пациентите кои користат услуга.
Изворот е ист, граѓаните. Дополнителните мерки можат да се бараат на овие неколку начина :
1. До промена на моделот капитациониот бод да се зголеми на висина од 70 денари.
2. Утврдување на реални цени на услугите кои се од пакетот услуги кои ги плаќа ФЗО.
3. Зголемување на учеството на пациентите со лични средства за направената услуга.
4. Наплатување на одредена фиксна сума за секој примен пациент поради работа во вонстандардни услови, независно од тоа каква услуга е направена. Фиксната сума би ја плаќал ФЗО или пациентот со свои лични средства, зависно од тоа како ќе биде договорено.
5. Владата да ги поддржи и ПЗУ, односно да ги направи економските мерки за подршка на компаниите
достапни и за Приватните здравствени установи.
6. Владата да покрени иницијатива кај осигурителните компании да воспостават посебно осигурување на
здравствениот персонал за случај на смрт на здравствениот работник или член на неговото семејство,
претходно заболени од корона вирусот.
Не смее да се заборави и на ПЗУ кои работат надвор од мрежата на здравствени установи. Во
овие ПЗУ, пациентите услугите ги плаќаат целосно со лични средства и тоа е единствениот начин на остварување на приходи. Бидејќи и за нив важат сите превентивни протоколи, работат под исти услови, а немаат никаква поддршка од ФЗО, тие се во најтешка состојба, гледано од аспект на економската одржливост. Во вакви услови ПЗУ надвор од мрежата немаат друг излез освен да ги зголемуваат цените на услугите, но се разбира дека тоа може да биде одмерено само до ниво кое сепак ќе можат да го поднесуваат потенцијалните пациенти.
Овие ПЗУ во овој момент се наоѓаат во иста ситуација како компаниите од угостителството и туризмот, па тие единствено можат и треба да бидат подржани со општите економски мерки на Владата за помош на компаниите од угостителство и туризмот. Поддршката на овие ПЗУ е многу важна, бидејќи тие играат многу сериозна улога во остварувањето на стоматолошката здравствена заштита и тоа по две основи. Прво во ПЗУ се прават најмалку една четвртина од вкупните стоматолошки услуги во државата, а второ тие се вистинската штедна книшка на Фондот на здравствено осигурување, кој за направените услуги во нив не плаќа ни денар.
Бројот на здравствени работници кои работат во овие ПЗУ не е мал и изнесува околу 1000 работници од областа на стоматологијата. Од сето досега констатирано произлегува дека овие ПЗУ кои го штедат ФЗО треба да бидат нотирани како интерес на државата да опстанат и поради тоа да бидат помогнати. Какви и да се прават пресметки ќе се дојде до податокот дека во овие ПЗУ се прават услуги со вредност од над 3.000.000 евра, за кои е заштедена касата на ФЗО.
Една од најреалните можности да се помогне на овие ПЗУ е подршка со безкаматни долгорочни кредити во висина до 100.000 евра и со грејс период од две години.
Сакаме да истакнеме дека непревземање на мерки во правецот на кој предлагаме со сигурност ќе доведи до банкрот на голем број на ПЗУ од областа на стоматологијата и тоа независно дали се во мрежата на здравствени установи или надвор од мрежата. Најстрашниот епилог е што младите доктори стоматолози ќе побараат егзистенција во други држави, па за неколку години ќе се соочиме со драстичен недостаток на доктори стоматолози.
Од секојдневната комуникација со членовите на здружението расте притисокот од докторите стоматолози за активирање на протестот кој во Ноември 2019 година беше ставен во мирување. Засега се убедуваме со колегите дека протест во период пред избори е однапред осуден од власта да биде прогласен за политички организирана манифестација од опозицијата, а тоа е најлошата квалификација која што може да ја добијат јавни незадоволства кои се од професионална и социјална природа. Меѓутоа, после изборите било која Влада ќе мора да се соочи со овие прашања и проблеми.
Од овие причини бараме Владата без одлагање да ги задолжи надлежните Министерства и државни органи да започнат со разговори и со разгледување на состојбата во ПЗУ од областа на стоматологијата и превземање на економски мерки во правец на којшто здружението предлага.
Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни докотори по дентална медицина
_______________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.