Се овозможува навремена поповолна промена на кредитните услови за кредитите да не станат нефункционални. До крајот на септември секое доцнење до 150 дена нема да се смета за нефункционален кредит.
Ангеловска Бежоска рече дека Народната банка нема законска надлежност да пропише мораториум на наплатата на кредитите. Но, суштински, во споредба со мерка само со мораториум, донесените регулаторни измени нудат поширок сет поволности за граѓаните и фирмите (одложување, промена на каматна стапка и сл.).
-Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација работат на уредба со која ќе се утврди поедноставен начин за комуникација и уредување на договорните односи меѓу засегнатите кредитокорисници и банките и штедилниците. Се изнаоѓа најефикасен начин и тој ќе биде соопштен на граѓаните, рече гувернерката во интервју за МТВ.
Според неодамнешната изјава на министерската за финансии, Нина Ангеловска, одложувањето би значело замрзнување на ратити за наредните три месеци.
-Уредбата моментално вели дека секоја банка ќе објави на својата веб страна или ќе го извести секој клиент за поповолната понуда. Ако физичкото лице во рок од 10 дена не се произнесе односно не каже дека ја одбива понудата ќе се смета дека поповолната понуда (замрзнување на ратите за три месеци) е прифатена, изјави министерката.
Македонската банкарска асоцијација, пак, преку соопштение, порача дека нејзините членки се подготвени да излезат во пресрет на сите барања од граѓаните и компаниите кои се соочуваат или ќе се соочат со времена неможност за отплата на кредитите. Но, заради отстранување на какви било дилеми и шпекулации, како што наведоа, овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и наредните месеци.
-Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина. Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец, наведоа од Aсоцијацијата во соопштение минатиот викенд.лв/скс/