Утрински Весник
Македонија

Атина полека се враќа во нормала, Грците се прилагодуваат на новото секојдневие

Атина полека се враќа во нормала, Грците се прилагодуваат на новото секојдневие
Ss2

Атина, 4 мај 2020 (МИА) – Главниот град на Грција, со укинувањето на забраната за движење, од денеска, полека почнува да се враќа во нормала, сообраќајниот метеж е одново присутен речиси на сите улици, граѓаните, по 42-дневен карантин излегоа од дома, но се прилагодуваат на новото секојдневие и новите правила – да држат растојание, да чекаат ред пред продавниците, да носат маска онаму каде што е потребно.

Дописничката на МИА од Атина, направи обиколка на грчката престолнина, раздвиженоста е повеќе од очигледна и неспоредлива со претходните денови. Некои излегле поради сончевото пролетно време, други да завршат некоја работа, трети да посетат црква.

Img 5587

Фризерските салони, берберниците, продавниците за електроника, продавниците за спортска опрема, оптиките, како и црквите од денеска се отворени, но со конкретни правила.

Речиси секаде, на влезот има антисептик, како и вработен кој ги информира граѓаните дека потребно е да чекаат ред, бидејќи бројот е ограничен согласно со големината на просторот.

Вработените носат маски, некои и ракавици, во зависност од видот на работата.

Денеска најпосетени се фризерските салони и берберниците, впрочем и според едно истражување на јавното мислење во Грција, 35 отсто од анкетираните рекоа дека по завршувањето на карантинот, прво ќе заминат на фризер.

Во одредени салони, закажувањето термин започнало уште пред две седмици, додека пак во следните десет до 15 дена, речиси и да не постои ништо слободно.

Дел од сопствениците, во разговор со дописничката на МИА од Атина, велат дека пред да отворат, целосно го дезинфицирале просторот, работат со стерилизирани прибори за потстрижување, пешкирите се дезинфицираат по секоја употреба, а столиците се на растојание од најмалку два метри.

Маските согласно владините упатства, не се задолжителни за муштериите во фризерските салони.

Пред влезот на продавница од познат синџир продавници за електронско-телекомуникациски материјали и услуги  имаше редица од најмалку десет лица.

Вработените за МИА велат дека, заедно со персоналот дозволениот број е осум лица и коментираат дека се соочуваат со доста нетрпеливи муштерии.

Паралелно, иако не е задолжително, сепак бараат од клиентите да користат маски.

За индивидуални молитви, за посета или за палење свеќа, од денеска се отворени црквите во Грција, како и останатите религиозни објекти, под услов да нема над десет лица во исто време.

Ниту во црквите не е задолжително носењето маска, а свештените лица за МИА велат дека повозрасните лица, речиси сите носеле заштитна маска.

Литургиите во грчките цркви, од 17 мај ќе бидат отворени за верниците.

 

Посебни правила во јавниот превоз, но и контроли за маски –казна од 150 евра за оние кои не носат

Метрото, тролејбусите, автобусите и трамваите во Атина од денеска сообраќаат под посебни правила и прописи. Забранет е влез за патниците од предната врата за да се избегне контакт со возачите, кои задолжително носат маска.

Од две седишта, дозволено е да се користи само едно, а од четири само две што се наоѓаат дијагонално.

Паралелно, има информативни постери за држење растојание и носење маска. За патниците, е задолжително, а доколку некој не носи, следува казна од 150 евра. Во дел од автобусите реагираат и возачите доколку забележат патник без маска.

Контролите пак, ги врши мешан тим од полицајци и контролори од јавниот превоз.

Дописничката на МИА од Атина, поразговара со еден таков тим, додека вршеше контрола на градските автобуси. Велат дека денеска само им даваат препораки на граѓаните, а од утре ќе почнат и со пишување казни. Истакнуваат дека речиси сите, над 95 отсто од патниците го почитуваат правилото и носат маски.

Во еден од автобусите во кои вршеа контрола, додека застана на автобуска станица, двајца од патниците немаа маски, по што мораа да се симнат, а полицајците и контролорите им посочија веднаш да ја посетат најблиската аптека и да купат маски.

Слична беше ситуацијата и во атинското метро, каде што на секоја станица има контроли.

По улиците низ Атина, денеска, за разлика од претходните денови, се поголем е бројот на граѓани кои носат маска, но и ракавици, без разлика што на отворен простор не е задолжително.

Сања Ристовска

Извор: mia.mk

Ss1

Можете да прочитате

ДИК со конечни резултати од првиот круг претседателски избори – во вториот одат Пендаровски и Силјановска-Давкова

Пендаровски: Терминот за дебатата на МТВ никогаш не беше договорен меѓу двата кандидати

Од 2017 година до денес изградени се 864 социјални станови за 864 семејства во Македонија