Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Проф. д-р Петар Атанасов соопшти дека Универзитетската изборна комисија вчера без да го извести претходно и без сериозна причина не го прогласила за официјален кандидат во натпреварот за избор на нов ректор на УКИМ, а сите други шест кандидати освен него, како што вели, се јасно нотирани во одлуката за избор.
Во отворено писмо наведува дека сите документи што биле барани со конкурсот ги доставил уредно и на време, а дека Комисијата за избор на ректор не му ги прифатила документите и Програмата со образложение дека се во пдф-формат и не можеле да ја отворат бидејќи е заштитена со лозинка.
– Тоа е мое уставно право. Јас бараните документи за избор на ректор ги доставив на 8 јуни во печатена форма. И тука за Комисијата е се во ред. Но, истите документи требаше да се достават и електронски. И тоа го направив. Но, со тоа што го заштитiв документот со мојата Програма. Притоа, во самата електронска порака напишав дека: Документот со мојата програма е заштитен, затоа што во овој момент не се јасни следните чекори во постапката. Во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. И покрај тоа што во пријавата се дадени и мојата е-маил адреса и мојот мобилен телефон, реагира Атанасов.
Во отвореното писмо тој бара од Универзитетската изборна комисија да поднесе оставка и смета дека е потребно нова и законска постапка која треба да ја спроведе наредниот Сенат на УКИМ, што треба да се конституира за неколку дена ако, вели, „и тоа не се саботира“.
Соопшти и дека вчера, уште пред Комисијата да го дисквалификува од конкурсот, поднел Претставка до Државната комисија за спречување корупцијата со барање сегашниот ректор „поради судир на интереси и трговија со влијанија да биде дисквалификуван од овој конкурс“, а целата постапка да се повтори според новите законски и статутарни одредби на УКИМ. Најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Комисијата Пламен Тројачанец и дека ќе побара правна заштита, а бидејќи е отстранет од трката за ректор на УКИМ својата биографија и Програмата ќе ги објави на социјалните мрежи. хс/скс/