Утрински Весник
Македонија

Арт-акција во Штип: „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!”

Арт-акција во Штип: „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!”

Штип, 16 април 2020 (МИА) – Штипските арт активисти на повеќе локации во Штип поставија херои со транспаренти. Во соопштението кое го доставија до медиумите велат дека како и во претходните акции, ги искористиле хероите на Марвел, познатите Халк, Тор и Капетан Америка.

-Сакавме пред сè на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредиме нашите сограѓани со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабриме да ги почитуваат мерките. Со оваа споредба сакавме да ги потсетиме штипјани дека единствено со почитување на мерките сите ние можеме да сме супер-херои, да дадеме свој придонес, и на тој начин да искажеме благодарност до нашите здравствени работници, полицајците, пожарникарите, војниците, вработените во маркетите и текстилните работници/чки за нивната пожртвувана работа, се вели во соопштението.

Забележуваат дека во време на активна и секојдневна борба со Ковид-19, вистинските супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас – здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме и себеси и нашите семејства.

-Нивната макотрпна работа во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата. Затоа, ние како локални активисти ја направивме оваа акција со која укажуваме да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на Ковид-19, велат во соопштението штипските арт активисти.

Тие изразуваат благодарност и до здружението „Гласен текстилец“ кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, што им овозможи да ја вклучат и хероината Супер текстилка во акцијата и да укажат на правата на вработените во големите хали. Посочуваат дека текстилните работнички од Штип се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со нивната  акција потсетуваат дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки.

-Се надеваме дека нашата основна порака „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!” ќе стигне до нашите сограѓани и ќе успееме што поскоро, со заеднички сили, да излеземе од оваа здравствена криза во која се наоѓаме во моментот, потенцираат арт активистите. вдј/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”