Таа е креатор на едни од најпознатите ликови во крими-литературата, Херкул Поаро и госпоѓицата Џејн Марпл. Воедно е и најпродавана авторка на сите времиња со повеќе од 70 крими-книги и збирки раскази, драми и шест новели што ги има пишувано под псевдоним и се во жанрот романса.
Сето ова е само мал дел од богатата биографија на популарната авторка Агата Кристи чии дела имаат инспирирано многубројни други писатели како и автори на серии и филмови.
Издавачката куќа „Арс Ламина“ неодамна ги објави на македонски јазик нејзините култни изданија: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“. Наскоро овие книги ќе можат да се купат и како комплет во посебно дизајнирана кутија, додека посебните изданија се веќе достапни во книжарниците „Литература.мк“.
Оваа едиција ќе биде надополнета со уште шест книги од Агата Кристи кои се во фаза на изработка: „По погребот“, „Завеса“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „Десет мали црнци“ и „Златната топка и други раскази“, кои, исто така, ќе може да се купат како комплет во специјално дизајнирана кутија.
„Мистериозниот случај на Стајлс“ е објавен во 1920 година и е првиот роман каде се сретнува ликот на Херкул Поаро. Дејството се одвива во Англија за време на Првата светска војна на имотот „Стајлс Корт“, каде што живеат повеќе членови од семејството на Емили Инглторп. Таа го има наследено имотот од нејзиниот прв сопруг, покојниот господин Кавендиш. Едно утро Емили ја наоѓаат мртва, со голема веројатност дека била отруена, што само по себе веднаш станува мистерија.
Со романот „Убиството на Роџер Акројд“ кој излегол во 1926 година, Агата Кристи стекнува голема популарност и поширока читателска публика. Кога вдовицата госпоѓа Ферарс си го одзема животот, а богатиот индустријалец Роџер Акројд следниот ден го наоѓаат убиен во неговата работна соба, во малото англиско село Кингс Абот се јавуваат уште повеќе озборувања од вообичаеното. Се слуша дека госпоѓата Ферарс си го отрула сопругот годината претходно, па дека била во љубовна врска со Акројд, а се зборува и дека била уценувана затоа што некој дознал за делото што го сторила. Но, која е причината зад убиството на Акројд? Овој случај е целосна мистерија за локалната полиција, но, за среќа, тука е прочуениот детектив Херкул Поаро.
„Лорд Еџвер е мртов“ претставува една од најинтересните криминалистички сложувалки на Агата Кристи со уште погенијален расплет. Случајот со смртта на ексцентричниот лорд Еџвер е еден од најнеобичните што прочуениот белгиски детектив Херкул Поаро мора да го реши. Сопругата на лордот, убавата американска актерка Џејн Вилкинсон, со која тој е во период на разделба, е забележана како влегува во неговата работна соба непосредно пред тој да биде пронајден мртов. Но, дали е можно таа да го усмртила сопругот, кога истовремено била присутна и на вечера со пријателите?
Едно од најпознатите дела на Кристи е „Убиство во Ориент Експрес“ кое има добиено многу филмувани верзии, меѓу кои последната е достапна на „Ејч-би-о“, а познатиот актер Кенет Брана го толкува ликот на Поаро. Романот е објавен во 1934 година, а Кристи го посветила на својот втор сопруг, Макс Едгар Лусиен Малован. Многу е веројатно дека приказната, која е делумно инспирирана и од вистинити настани, ја има создадено додека престојувала на археолошките ископини во местото Арпачија, Ирак. „Убиство во Ориент експрес“ се смета за најпознатото дело на Кристи.
Романот „Смрт на Нил“ е објавен во 1937 година и во истиот миг станува бестселер. Се работи за роман со Херкул Поаро што ја обработува темата на љубовниот триаголник, како и љубомората и предавството, па така станува и еден од најомилените на публиката. Ова дело на Агата Кристи било адаптирано за театарската сцена, а исто така има и неколку филмувани верзии, како и адаптација за радиодрама на каналот „Би-би-си 4“.
„Зло под сонцето“ е роман за кој Агата Кристи добива високи книжевни критики, доживува и неколку екранизации и адаптација за радиодрама, а во поново време и адаптација како видеоигра. Делото ги содржи сите ноти на писателското мајсторство на авторката. Тоа изобилува со духовити дијалози и ја следи нејзината специјалност за создавање сложена приказна што всушност на крајот изгледа едноставна.
Сите 6 романи на Агата Кристи се достапни во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.
Текстот „Арс Ламина“ објави шест бестселери од Агата Кристи на македонски јазик, а наскоро се очекува и цела едиција од дванаесет изданија е превземен од МАКФАКС.