Додека над 55.000 граѓани се отпуштени од работа и ги загубија своите работни места како резултат на корона пандемијата и економската криза, директорот на Фондот за иновации си остварува детски соништа за 200.000 евра да биде актуелен и да се појавува на медиумите, обвини на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој вели дека Коста Петров, кој е потпретседател на СДСМ и директор на Фондот за иновации, склучил рамковен договор со две маркетинг агенции во вредност од 200.000 евра, за да си снима интервјуа и спотчиња во Фондот за иновации.
За споредба, вели Арсовски, со нешто повеќе од 200.000 евра се снима и режира нискобуџетен филм.
„Замислете, 55.000 граѓани останаа без работа, стопанството и приватните компании не можат на ред да стигнат до државна помош од фирмите блиски до СДСМ и на функционерите на СДСМ, но затоа Коста Петров како втор човек после Заев, се луксузира и си снима спотчиња и интервјуа за 200.000 евра, пари кои што се на граѓаните. Во ваква економски криза, ова е огромен скандал, кој го заслужува вниманието на јавноста и на институциите, секако и на медиумите кои први го обелоденија овој скандал. Затоа, прашуваме, дали Коста Петров со овие 200.000 евра има намера да ги преплати овие две агенции и тие подоцна да работат партиски агенди или веќе работеле за СДСМ, а не знаеме, или дали има намера преку овие две агенции да врши масовен поткуп со реклами на медиуми, што уште еднаш потенцираме дека е забрането законски и казниво со закон?“, рече Арсовски.
Според него, Фондот за иновации се покажал како златна кокошка за функционерите на СДСМ и за владата на СДСМ да испумпуваат пари, наместо парите да завршуваат онаму каде што треба како поддршка на стопанството или поддршка за иноваторите.