Независната кандидатка за градоначалник, Даниела Арсовска, вечерва се сретна со младите скопјани и во разговор со нив, разменија размислувањата за Скопје, какво е сега, а во каков град тие сакаат да живеат.
На вечерашната средба, во опкружување што е типично за младите, во Градскиот парк, тие отворено ги изнеле, како што се вели во соопштението, своите разочарувања од моменталниот недостаток од културни и забавни содржини, сиромашна градска понуда од случувања и дека нивниот социјален живот во градот е маргинализиран, сведен на седенки во паркот.
„Градот ќе биде место каде ќе имате исполнета и среќна младост, со содржини и младински центри што ќе ви овозможат да се развивате, лично и професионално. Ќе има места каде ќе можете да се изразите, да се поврзете, дружите а истовремено и ќе учите и ќе се надградите со знаење. Ќе се овозможи заживување на културната, музичката и воопшто мултимедијалната сцена, наспроти сегашната зачмаеност, забавни содржини со интерактивен концепт, наспроти едноличната културна програма, отвореност на градот за современите и алтернативни културни движења и создавање услови каде и вие самите би можеле да се вклучите и ќе ја создавате оваа сцена во вашиот град. Заедно, со вас и вашите идеи ќе го создаваме современо и модерно Скопје”, им порачала Арсовска на средбата.
Се дискутирало отворено на сите теми и работи што недостигаат во забавниот и културниот живот.
„Самите изнесуваат идеи како би можел да се смени и подобри со дополнителни содржини и истакнаа дека за создавање на модерно и современо Скопје, потребно е да се пристапи интердисциплинарно и да се вклучат сите форми на израз“, нагласува Арсовска.