Утрински Весник
Македонија

Анкета на ИКС: Граѓаните свесни дека се најголем загадувач на водите, но се неинформирани за нивна заштита

За изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје се заинтересирани 12 компании

Дури 42 отсто од испитаниците на анкетата на Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Разбистри сè“ сметаат дека самите тие се најголем загадувач на водите во Македонија. Една третина од анкетираните или 33 отсто сметаат дека преработувачката индустрија е најголем загадувач на водите, додека 10 отсто мислат дека тоа се рударските капацитети.

Сепак, анкетата на национално ниво покажува загрижувачки податоци за големата неинформираност и незадоволство кај граѓаните во однос на заштитата на водата и инспекцискиот надзор врз природните ресурси.

„Повеќе од половина од испитаниците (57 отсто) не се информирани за квалитетот на водата во општината во која живеат и висок процент (94 отсто) сметаат дека е важно да се врши постојано следење на површинските и подземните води. И покрај тоа, 60 отсто од анкетираните ја оценуваат водата за пиење во општината во која живеат како квалитетна, а 53 отсто од оние кои живеат во рурални области како квалитетна ја оценуваат и водата за наводнување“, се наведува во соопштението на Институтот за комуникациски студии.

Анкетата покажува дека дури 72 отсто од испитаниците сметаат дека не се информирани за инспекциските надзори во животната средина, а 63 отсто дека не се задоволни од работата на инспекциските служби. Во однос на начинот на управување со водата, 64 отсто од анкетираните изјавиле дека не се информирани од јавните институции, а речиси половината (46 отсто) рекле дека не се задоволни од работата на институциите кои управуваат со водните ресурси.

Спроведеното истражување вели дека граѓаните мислат оти не се казнува загадувањето на водите. Имено, поголем дел од испитаниците (79 отсто) сметаат дека загадувачите на водите не се казнуваат и многу висок процент (92 отсто) мислат дека е важно да се направи катастар (регистар, датабаза) на корисници и загадувачи на води. Повеќето анкетирани (62 отсто) сметаат дека не се казнуваат ниту оние кои без дозвола или прекумерно ископуваат песок, чакал и камен од речните корита и крајбрежјата.

Речиси половина од анкетираните (48 отсто) се изјасниле дека би користеле онлајн апликација за пријавување на загадување на животна средина. Сепак, голем дел од испитаниците (82 отсто) досега се немаат вклучено во некоја иницијатива во врска со квалитетот на водата или против загадување на водотеците и ископот на песок, камен и чакал од водните корита и крајбрежјата.

Анкетата била спроведена од 30 ноември до 6 декември 2020 година на 1.100 испитаници на возраст над 18 години. Целта на анкетата била да се испитаат ставовите на граѓаните за проблемите на кои се фокусира кампањата „Разбистри сè“ – за користењето и заштитата на водата и за ефикасноста на инспекцискиот надзор врз искористувањето со природните ресурси. Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион