Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Се наоѓаме во кризна ситуација и дали сетот економски мерки ќе биде критикуван треба да оставиме на честа на сите кои треба да ги користат и другите на кои можеби и нема да им бидат потребни. Главниот аспект на сите држави и на нас како Влада е да им помогнеме на компаниите да го премостат проблемот за ликвидност и заштита на работните места, не да ги простуваме долговите и Владата да ги чести, рече министерката за финансии Нина Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање по претставувањето на првиoт сет економски мерки за поддршка на стопанството поради кризата од коронавирусот.
Таа истакна дека сите мерки што ги презентираа денеска, за субвенционирање на 50 проценти на придонесите, одложување на аконтации на данок на добивка, како и мерката за реструктуирање на кредитите за фирмите што ја подготвуваат во соработка со Народната банка, а која важи и за граѓаните за станбените кредити, се директно за поддршка на сите за да го премостат овој тежок период. Тоа, појасни, е за компанија која не ќе може да исплати плати, граѓанин кому ќе му биде намалена плата или ќе биде отпуштен па нема да може да плаќа рати.
Ангеловска соопшти дека покрај бескаматните кредити што ќе им бидат достапни на малите и средни фирми во износ од 5,7 милиони евра, се разговара да се овозможат и уште дополнителни шест милиони евра.
Веќе е побарано од Европската инвестициска банка одобрената кредитна линија од 50 милиони евра што се пласира преку Развојната банка на РСМ да се искористи за дополнително ставање во функција на стопанството како помош на ликвидноста поради состојбата со коронакризата.
Се разговара со Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд за користење на интервентните мерки што ги креираат овие меѓународни институции, а што треба да ги стават во функција за еден месец.
– Од СБ очекуваме одговор, тие имаат посебна матрица по која се пресметува, а од ММФ отприлика пресметката која ја имаме добиено е околу 90 милиони евра, рече Ангеловска. лв/скс/