Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Буџетот е во добра состојба, ликвиден и ги сервисира потребите. Буџетот на Министерството за здравство е навистина добро скроен за да може да издржи дополнителни потреби, рече во гостување на емисијата Економски магазин министерката за финансии Нина Ангеловска одговарајќи на прашање за способноста на буџетот да одговори на новите потреби поврзани со коронавирусот.
– Буџетот е во добра состојба, ние се наоѓаме на почетокот на годината, ако го погледнеме и Буџетот на Министерството за здравство, тој е навистина добро скроен за да може да издржи дополнителни потреби, како што сега имаше потреба да се набавува дополнителна заштитна опрема, за сето тоа, во моментот нема потреба од користење резерви од преземање средства од други министерства, затоа што Министерството за здравство има така скроен буџет за да може да одговори и на ваква состојба, рече Ангеловска.
Таа посочи дека најопасното нешто е паниката, и дека е потребно да бидеме будни и координирани. Рече дека во Министерството за финансии веќе има состаноци, како и со сите економски ресори и се прават симулации и потенцијални сценарија, кои всушност се дел од планирањето и предвидувањето и следењето во Министерството за финансии, без разлика на ситуацијата. скс/сп/