Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на состанок со директорката на ММФ – Потребна поголема поддршка од ММФ и другите меѓународни финансиски институции

Ангеловска-Бежоска на состанок со директорката на ММФ – Потребна поголема поддршка од ММФ и другите меѓународни финансиски институции

Скопје, април 2020 (МИА) – Во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, што годинава се одвиваат електронски, се одржа состанок воден од директорката на ММФ, Кристилина Георгиева, на кој најновите проекции на ММФ беа презентирани од страна на директорот на Одделот за Европа, Пол Томсен. За дискутанти на состанокот, како што соопшти Народната банка, беа поканети гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерите на централните банки на Руската Федерација и Хрватска, Елвира Набиулина и Борис Вујчиќ.

Во дискусијата, акцент беше ставен на ефектите од пандемијата на Ковид-19 врз европските економии, како и на економските политики што се спроведуваат и на клучните предизвици што произлегуваат од новонастанатите околности. Притоа, Ангеловска-Бежоска ги потенцираше макроекономските политики што се преземаат кај нас и во другите земји од регионот, акцентирајќи го предизвикот за обезбедување финансиски средства со цел спроведување на мерките на  фискална политика со што треба да се ублажат негативните ефекти врз економијата заради состојбата со вирусот Ковид-19.

Гувернерката нагласи дека во услови на помалку развиени домашни финансиски пазари, економиите од нашиот регион имаат поизразена потреба од надворешно финансирање. Имајќи предвид дека корона-кризата доведе до затегнување на меѓународните приватни финансиски пазари, таа одделно се осврна и на потребата од поголема поддршка од ММФ и од другите меѓународни финансиски институции, како и на потребата од поддршка од европските институции.

Како член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива, претставувајќи ги шесте земји од Југоисточна Европа што сѐ уште не се членки на Европската Унија, Ангеловска-Бежоска активно учествува и во дискусиите за координиран пристап во совладувањето на предизвиците со кои се соочуваат земјите од нашиот регион во овој период. Меѓу другото, решенијата за што се дискутира вклучуваат и иницирање засилена финансиска поддршка од изворите на Европската Унија.  

Во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, гувернерката на Народната банка ќе учествува и на состанокот на Конституенцата во којашто членува нашата земја. скс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија