Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е столб за одржување на финансиската стабилност

Низ годините Народната банка беше столб за зачувување на финансиската стабилност, којашто е суштествена за економскиот раст. И во тековните услови на изразени макроекономски ризици, домашниот банкарски систем е стабилен и има капацитет за соодветна кредитна поддршка на економскиот раст. Со новата регулатива којашто би се донесла во следниот период, а се изработува во согласност со европската практика, се зацврстува рамката и водечката улога на Народната банка во носењето и спроведувањето на макропрудентната политика. Ова беше посочено на средбата помеѓу тимот на Народната банка, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Јасмин Чакери, менаџер на Одделот за макроекономија, трговија и инвестиции за регионот на Европа и Централна Азија при Светската банка, Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово и Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист.

dobivaj vesti na viber

Во контекст на досегашните остварувања, на средбата беше заклучено дека солвентноста на банкарскиот систем е на стабилно и солидно ниво, со стапка на адекватност на капиталот од 17%. Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво и упатуваат на соодветно управување на банките со ликвидносниот ризик. Квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден, за што е потврда ниското ниво од 3,1% на учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор. Солидните остварувања на банкарскиот систем се секако резултат и на регулаторната рамка поставена од страна на Народната банка. Притоа, согласно со одлуката на Европската комисија, беше оценето дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на ЕУ.

На средбата стана збор и за новите законски решенија, коишто се во прилог на јакнењето на механизмите за одржувањето на финансиската стабилност, односно Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање на банките. Тимот на Светската банка ја истакна важноста на овие решенија со кои на централната банка ќе ѝ се даде поширок мандат за спречување одредени системски ризици во банкарскиот сектор. Исто така, со Законот за финансиска стабилност, којшто е во собраниска процедура, законски се регулира Комитетот за финансиската стабилност, како макропрудентно тело коешто ќе ја засили координацијата на финансиските регулатори при утврдувањето на системските ризици и синхронизираното преземање макропрудентни мерки.

Стана збор и за тековната состојба и стапките на инфлација што растат во светски рамки. Од Светската банка беше истакнато дека од големо значење е навременото и соодветно приспособување на политиките, согласно со тековните очекувања и очекувањата за идните движења. Носителите на политиките во овој момент, кога има нагорно придвижување на цените поради воениот конфликт, се соочуваат со потребата за монетарно затегнување. Притоа, за монетарната политика е особено важно да не се предизвика негативно влијание врз економскиот раст при изборот на мерките за запирање на инфлацијата. Во тој контекст, Народната банка успешно им одговара на тековните предизвици и претпазливо ги применува мерките за одржување на стабилноста.

Можете да прочитате

„Кој купува стан во Скопје?! Без вода, без воздух, со бетониран пекол на секој агол!“

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

СДСМ: Инфлацијата од 4,5% руши рекорди – граѓаните ја плаќаат цената за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ