Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска: Значително се зголемува користењето на електронското банкарство

Ангеловска-Бежоска: Значително се зголемува користењето  на електронското банкарство

Скопје, 7 мај 2020

Првичните податоци покажуваат дека апелот на Народната банка за безготовинско плаќање и за користење на платежните картички и на услугите за електронско и мобилно банкарство е добро прифатен од граѓаните. Значително се зголемува користењето на електронското банкарство од страна на физичките лица, што во овој период е и во функција на заштита на здравјето. Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30 отсто на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма. Притоа посочи дека според првичните податоци од платежната статистика, чијашто обработка е во тек, зголемено е користењето и на компјутерите и на мобилните телефони за извршување на плаќања. Во март, годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесува околу 26,4 отсто, додека претходно, минатата година во споредба со 2018 година, растот изнесуваше 5,4 отсто. Истовремено, како што кажа гувернерката, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5 отсто на годишна основа. Од друга страна, забележан е пад од околу 7 отсто на годишна основа кај плаќањата иницирани на хартија. За ваквите трендови придонесоа и активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.

„Според првичните податоци, особено е изразен порастот на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.

Во емисијата, акцент беше ставен и на најновите макроекономски проекции на Народната банка, при што меѓу другото беше истакнато дека се очекува падот на економската активност заради корона-кризата да биде најголем во вториот квартал од оваа година, а потоа да следи постепено опоравување и следната година да има раст на македонската економија од 4,7 отсто. Како што посочи гувернерката, ваквите очекувања се темелат на претпоставката дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен.

Одделно се дискутираше и за депозитната база и за состојбите на девизниот пазар, при што гувернерката нагласи дека овојпат притисоците беа значително помали во споредба со претходни кризни епизоди.

„Податоците за март покажуваат дека нема пад на депозитите. Ме радува што веќе во текот на април состојбите се стабилизираа – депозитната база е стабилна и таквата состојба продолжува и на почетокот на овој месец.“ – истакна Ангеловска-Бежоска. Од средината на април, како што посочи таа, значајно е стабилизирана и состојбата и на девизниот пазар.

Во емисијата се коментираше и за мерките што по избувнување на корона-кризата ги презеде Народната банка. Гувернерката посочи дека постојано се следат состојбите и ако е потребно, Народната банка е подготвена да преземе и дополнителни мерки во согласност со своите надлежности, ако тоа е потребно.

 Видео-записот од вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ е достапен на следнава врска: https://youtu.be/bhKlfYW_Kr4

 Народна банка на Република Северна Македонија

___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија