Долгот на американската влада штотуку достигна ново рекордно високо ниво и сега изнесува повеќе од 30 трилиони долари, според Министерството за финансии, објави Си-Ен-Ен.
Задолжувањето на владата се забрза за време на пандемијата од „Ковид-19“, бидејќи администрацијата на Вашингтон агресивно трошеше на ублажување на економското влијание на кризата, пишуваат медиумите.
Државниот долг на САД се зголеми за околу 7,0 трилиони долари од крајот на 2019 година, според Си-Ен-Ен.
Економистите се уште се поделени околу тоа колку е високо нивото на долгот и колку тој навистина претставува голем проблем. Сепак, последниот пораст доаѓа во деликатно време, бидејќи се очекува зголемување на трошоците за задолжување, велат познавачите.
По години ниски каматни стапки, Федералните резерви се префрлаат на режим против инфлација. Банката на федерални резерви планира да ја започне оваа година, за прв пат од 2015 година, со серија на зголемување на каматните стапки. Повисоките трошоци за задолжување само ќе го отежнат финансирањето на веќе постоечките долгови, оценуваат американските медиуми.
Ова не значи краткорочна криза, туку значи дека ќе станеме посиромашни на долг рок, вели Дејвид Кели, главен глобален стратег во JPMorgan Asset Management.
Само каматните трошоци се предвидени да надминат 5 трилиони долари во следните 10 години и ќе сочинуваат речиси половина од сите федерални приходи до 2051 година, оценуваат од Фондацијата Питер Г. Петерсон, организација фокусирана на подигање на свеста за фискалните предизвици.