На церемонијата во албанското Министерство за одбрана во Тирана, американскиот амбасадор во таа земја Јуриј Ким рече дека има неколку причини за американското воено присуство на Балканот, пофалувајќи ги албанските власти што никогаш не се двоумеле да распоредат американски сили.
– Не можевме да бараме посилен и полојален пријател и сојузник. Нашите билатерални врски се поважни од кога било – истакна амбасадорот Ким на синоќешната церемонија во Тирана, организирана по повод активирањето на командата на специјалните сили, пренесува РТС.
Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеси изјави дека Албанија ќе ја искористи оваа можност да ги зголеми стандардите на своите оперативни сили.
„Ќе можеме да се бориме заедно ако се појави потреба, како што направивме во Авганистан и пошироко“, рече Пелеси.
Американските медиуми пред еден месец се обидоа да расветлат што се крие зад акцијата на Американците да воспостават база на нивните специјални оперативни сили (SOCEUR) во Албанија.
Американскиот портал „Бизнис инсајдер“ посвети долга статија на таа база во Албанија, а својата мисија ја поврзува со Русија. Според тој медиум, Москва може да се обиде со дестабилизирачки сценарија во регионот, а американските специјалци ќе бидат ангажирани во различни мисии.
– Албанија не е блиску до Русија, така што ја немате таа физичка близина со противникот. Но, Балканот е важен и Русија сè уште има големо влијание врз нив. На крајот на краиштата, Русите се Словени, како и повеќето жители на Балканот, со многу малку исклучоци, како Грција, а Русија отсекогаш играла на таа карта за да манипулира и да ја контролира ситуацијата, изјави неименуван извор, цитиран од Business Insider.
Во написот се споменува и приближувањето на Албанија со Турција. Според американскиот портал, формирањето на оваа база е поврзано со ова прашање.
– Турција е исто така фактор во регионот. Турција инвестираше многу во Албанија, и во земјите членки на НАТО и во земјите со мнозинско муслиманско население, но под претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција постојано се дистанцираше од Трансатлантската алијанса, предизвикувајќи загриженост за важно учество и операции на НАТО.
Одлуката на SOCEUR да формира нов штаб за специјални операции во Албанија може да биде тактички обид да се задржи дел од тој пристап или да се одврати Турција да ги повлече другите земји од НАТО, се вели во објаснувањето на командната база на специјалните сили на САД.