Старата воздухопловна база на Албанија од времето на комунизмот треба да стане тактичка оперативна база на НАТО кога повторно ќе биде отворена во 2023 година.
Инвестициите во војската се во пораст во голем дел од Европа, најмногу во Германија, но и на Балканот.
„Еуроњуз“ пишува дека Хрватска која е во НАТО алијансата и Србија која не е членка се во вистинска трка во вооружување. Србија набави модернизирани авиони МиГ-29, тенкови и ракетни системи од Русија, додека Хрватска купи 12 борбени авиони „Рафал“ од Франција. На тој пат би можела да тргне и Албанија.
Во јануари, започна работата на надградба на воздухопловната база Кучова како модерен оперативен центар, подобрувајќи ја нејзината способност да биде домаќин на борбени авиони од модерната ера.
НАТО и Албанија инвестираат 50 милиони евра во центар на 85 километри јужно од главниот град Тирана. Малиот град Кучова, го добил името по родниот град на Сталин за време на албанскиот комунистички режим, а базата била изградена во 1950-тите. За изградбата била искористена затворска работна сила, а базата била изградена по наредба на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, кој и покрај тоа што бил комунист, на крајот се скарал со СССР, Кина и блиската Југославија.
Во тоа време Албанија се нарекуваше „Северна Кореја на Европа“, пишува „Еуроњуз“. По падот на комунистичкиот режим во 1990 година, албанската армија имаше повеќе од 200 авиони во три воздушни бази, главно различни модели на МиГ.
Повеќето од нив сега се укинати, а старите руски и кинески авиони престанаа да летаат во 2005 година.
Албанското воено воздухопловство сега располага со неколку хеликоптери, главно Бел и Еурокоптер и очекува да примат неколку американски хеликоптери, но не и авиони, па пристигнувањето на авионите на НАТО може да биде шанса за Албанија, се вели во текстот.