Утрински Весник
Македонија

Алексов: Изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради КОВИД-19 

Алексов: Изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради КОВИД-19 

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Со имањето конкретен датум за избори, се чисти теренот за шпекулации и институциите ќе можат лесно да ги спроведат неопходните подготовки. Тоа што треба да се случи е конструктивно да се разграничат сите моменти, пред се со здравствената ситуација и во каков правен вакуум можеме да влеземе доколку не се адресира датумот за избори, рече извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов.

Тој во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ истакна дека ако го имаме датумот, имаме почист простор во кој нема да може да се калкулира.

Според Алексов, Владата со уредба треба точно и прецизно да им наложи на институциите да ги спакуваат изборите.

Последното ажурирање на Избирачкиот список е направено на 1 мај, што значи, оцени Алексов, дека без разлика што јавниот увид е завршен во март, ДИК има добиено избирачки список со состојба до 1 мај.

Во разговорот, укажува и на Решението потпишано од Владата и ДИК дека изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради КОВИД-19, а по укинувањето на вонредната состојба, според тоа Решение, се бројат 22 дена до избори.

-Прашањето со изборите не е политика или нешто што не е изводливо, туку зборуваме за техничко-методолошко спроведување на избирачкиот список, што е секојдневна работа на инситуциите. Граѓаните пак, секој ден извршуваат дејства во услови на пандемија, кои се слични со чинот на гласањето. Дали е изводливо да одиме во продавница или на пазар во овој период? Има работи кои граѓаните секојдневно ги прават, а наликуваат на нешто што значи гласање на избори. Ако се земе примерот со Јужна Кореја, таму се гласаше и имаше рекордна излезност и потоа немаше нови пикови. Така што, изводливо е гласањето. Ова не се регуларни избори. Во 2004 година кога имавме вонредни претседателски избори, избирачкиот список беше ставен во функција за само 10 дена. Она што ДИК може да го направи денес е да ги повика граѓаните да направат проверка на личните податоци во канцелариите на ДИК. Практично избирачкиот список е на увид секој ден, нагласи извршниот директор на МОСТ.

Тој смета дека по ова ново иксуство со пандемијата, треба да се извлече поука и да се направи анализа за тоа кои моменти од Изборниот законик треба да се пропишат, односно да се регулираат одредени работи поврзани со вакви случаи како пандемија. мч/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!