Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Вработените во јавниот сектор од денеска ќе може да пријавуваат притисоци во предизборен период на алатка која е поставена на веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација.
Ресорниот министер Дамјан Манчевски апелира до вработените во јавниот сектор да ја користат алатката и да пријават евентуален притисок.
Целта, потенцираше Манчевски, е да се обезбедат и гарантираат сите предуслови за фер и демократски избори. Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели исвоите лични податоци тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштит ана личните податоци и за тоа веќе се преземени соодветни технички и организациски мерки.
-Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавниот сектор нема и нема да има и за време на оваа кампања како и за кампањите за сите изборни процеси во изминатите три години вработените во јавниот сектор ќе можат на лесен и едноставен начин да пријават доколку некој им врши притисок во контекс на изборниот процес, рече на прес-конференција министерот Манчевски, потенцирајќи дека ја промовираат алатката на меѓународниот ден на јавниот сектор.
Како што рече Манчевски, МИАО се обврзува дека сите пристигнати пријави ќе ги проследи до надлежните органи за понатамошно постапување. За тоа веќе организиравле и координативни состаноци со Државната комисија за спречување на корупција, Народниот правобранител, Агенцијата за администрација, Државниот трудов инспекторат, Агенцијата за вработување, како и сите други надлежни институции коишто можат да бидат доведени во овој контекст.
На претходните изборини процеси и реферндумот преку ваквата алатка имало најмногу 10 пријави, повеќе од половина од нив биле несоодветни, а сите што требало биле препратени во соодветната институција, рече во одговор на новинарско прашање Манчевски.
Тој потсети и дека со механизмите што ги презема МИОА за целосна професионализација на јавниот сектор е изготвениот закон за високата раководна служба, којшто не е во сила заради моментално нефункционалното Собрание. Законот, појасни, предвидува транспарентен и професионален избор, високи стандарди и критеируми за раководните позиции и претставува прв голем исчекор во деполитизација на јавниот сектор.
-Дополнително ја менуваме и културата на работење и после долго време овие три години јавниот сектор конечно работи согласно описот на своите работни задачи без притисоци и без да биде служба на некој друг, односно заробената држава е веќе минато, рече Манчевски. лв/дма/