Една млада жена во четвртокот (18 март) го обвини американскиот актер Арми Хамер дека ја силувал пред четири години во Лос Анџелес, а полицијата соопшти дека го истражува случајот.
Адвокатот на Хамер ваквите наводи ги нарече смешни и додаде дека сите сексуални односи на актерот биле целосно консензуални.
Тврдењето за силување следува по наводите на социјалните мрежи во јануари од страна на неколку жени кои го обвинија 34-годишниот актер за емоционално и физичко злоставување и рекоа дека споделува насилни сексуални фантазии.
Хамер во тоа време рече дека нема да одговори на, како што рече, „злобни онлајн напади“, но сепак, ова резултираше во негово исклучување од два холивудски проекти. Неговите претставници го напуштија веднаш откако обвинувањата излегоа на површина.
Во четвртокот, една жена која се идентификуваше само како Ефи, на видео конференција за печат изјави дека била во четиригодишна романтична врска со актерот, кој во тоа време беше оженет со Елизабет Чемберс.
„На 24 април 2017 година, Арми Хамер насилно ме силуваше повеќе од четири часа во Лос Анџелес, тој повеќе пати ми ја трескаше главата во ѕидот, по што добив модринки на лицето“, изјави Ефи (сега 24) пред новинарите.
„Тој исто така изврши и други акти на насилство врз мене, за што јас не давав согласност“, рече таа.
Хамер и Чемберс се разделија во јули 2020 година по 10 години брак.