Утрински Весник
Свет

Администрацијата на Трамп ги редуцира контактите со СЗО

Администрацијата на Трамп ги редуцира контактите со СЗО

Администрацијата на Трамп му нареди на својот дипломатски кор да ги редуцирa контактите со Светската здравствена организација.

Додека американскиот претседател руши мостови меѓу САД и СЗО, дел од администрацијата се обидува да го зачува влијанието на САД во СЗО преку промовирање на долгорочни реформи и овластување на одредени американски дипломати да продолжат да работат на програмите на СЗО против детска парализа, ХИВ и други заразни болести, се наведува во анализата на вашингтонскиот магазин „Форин полиси“.

Најновите упатства – за прекинување на виталните дипломатски контакти и соработка со СЗО – дојдоа од Стејт департментот, иако САД немаат намера да се повлечат од членството во СЗО до средината на 2021 година.

Ваквите контрадикторни активности на Вашингтон укажуваат на тоа дека Трамп, од една страна, сака да укаже на огромните предизвици со кои се соочуваше американската администрација за време на пандемијата и сака да го казни СЗО затоа што не прифаќа Кина да биде прогласена за виновна за ширење коронавирусот во светот.

Од друга страна, Белата куќа продолжува да се потпира на СЗО како лидер во глобалната битка против бројни смртоносни болести, кои, ако се занемарат, може да ја загрозат и Америка.

„Сакале или не, се чини дека САД сè уште не можат да живеат без СЗО“, рече Хуанг Јанџонг , постар соработник за глобални здравствени проблеми при њујоршкиот Совет за надворешни односи.

Стејт департментот минатата недела објави дека администрацијата на Трамп ќе испрати околу 80 милиони долари што СЗО ги должи на сметките на ООН, но за други програми на светската организација.

Алма Голден, официјален претставник на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), неодамна изјави дека САД ќе продолжат да соработуваат со СЗО само во ситуации кога „СЗО покажува дека е способна да реши одредени проблеми за кои не се дораснати алтернативните партнери“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење