Утрински Весник
Култура

Агенција за филм: Министерството за култура утврди дека нема конфликт на интереси

Агенција за филм: Министерството за култура утврди дека нема конфликт на интереси

Инспекцискиот надзор на Министерството за култура што постапуваше по пријавите од страна на Милчо Манчевски, за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм, како и нејзиниот директор Горјан Тозија, констатираше дека се неосновани, соопшти Агенцијата за филм. Од таму додаваат дека државниот Управен инспекторат ќе даде предлог Антикорупциска да ја стопира истрагата за конфликт на интереси.

„Врз основа на утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор, не е констатирано дека од страна на пријавените лица Бранко Петровски (во својство на член на Филмскиот совет и финансиски советник), и Ана Василевска (во својство на член на Филмскиот совет и рецензент), е сторена повреда на одредбата од членот 54 од Законот за филмската дејност, односно не е утврдено нивно учество на конкурсите на Агенцијата за филм со свои проекти. Во меѓувреме согласно со член 22 став (2) од Законот за филмската дејност, на 10.7.2020 година од страна на в.д. директорот на Агенцијата за филм се именувани нови членови на Филмскиот совет, на место на горенаведените лица“, се наведува во соопштението.

Оттука, додаваат од Агенцијата за филм, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор, инспекторот ја запре постапката.

Од Агенцијата соопштија и дека Петровски и Василевска доброволно отстапиле од Филмскиот совет со цел Конкурсот да биде завршен без најмал сомнеж кон неговата исправност.

„Со ова утврдување на Инспекцискиот надзор се докажува исправноста на работата на Агенцијата за Филм, како и за работата на нејзиниот директор Горјан Тозија, а од друга страна се става под сомнеж целиот обид од страна на институциите за дискредитирање на неговата работа по барањето од страна на Милчо Манчевски до Министерството за Култура и ДКСК. Инспекторите меѓу другото ги отфрлаат сите останати точки по пријавата на Милчо Манчевски, а се однесуваат на ангажманите на новинарката и филмската критичарка Ана Василевска“, соопштија од Агенцијата за филм.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“