Во Австрија од утре ќе бидат укинати речиси сите епидемиолошки мерки кои беа на сила во борбата против пандемијата на коронавирусот.
По две години ограничување на слободите на граѓаните, Австрија се враќа во нормален живот, освен Виена, каде продолжуваат да се применуваат поостри мерки.
Австрија ги укинува ограничувањата за пристап до угостителски објекти, настани и врз основа на владината одлука, веќе нема да се применуваат ниту „2G“ ниту „3G“ правилото, па секој може да користи угостителски услуги, да посетува стадиони…
Се укинува ограничувањето на работното време во угостителството, а може да почне да работи и ноќната гастрономија.
Како единствена епидемиолошка мерка останува на сила обврската за носење маски, но само на места кои ги користат ризични групи, што значи во супермаркети, аптеки, банки, трафики, бензински пумпи, институции.
Исто така, маските FFP2 мора да се носат во јавниот превоз, во такси, но и во училишниот превоз.
Сè уште важат посебни правила во домовите за нега и домовите за стари лица. Посетителите мора да се придржуваат до правилата „3G“, односно да бидат вакцинирани или да имаат потврда за прележан Ковид-19, односно ПЦР тест, а задолжително да носат и маска.
Истото важи и за вработените во овие институции и болници.
За собири со повеќе од 50 луѓе од сега само мора да се изгради концепт за превенција, што по случаен избор ќе го проверуваат општинските власти.
Сето ова ќе важи во осум од деветте австриски покраини, а само во Виена за граѓаните и натаму ќе има ограничувања.