Утрински Весник
Македонија

Утврденa делегацијата за Стратешкиот дијалог со САД

Владата на денешната 45-та седница ја разгледа и усвои информацијата за почеток на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

За координатор на процесот за Стратешки дијалог меѓу Македонија и САД е определен министерот за надворешни работи Бујар Османи кој на 2 јуни ќе ја предводи делегацијата на отворањето на процесот во Вашингтон во чиј состав ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, соопштија владините служби.

„Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и е од особено значајно во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, па се до справување со организираниот и меѓународен криминал“, е наведено во владиното соопштение.

Дијалогот, како што е појаснето, ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО партнери, аспирациите на Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ, заложбите на земјата во рамки на Самитот за демократија на претседателот Бајден и други теми од интерес, е нагласено во дописот.

Можете да прочитате

Изложбата „Будна вода“ и промоција на „Разбудена вода“ во НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево

Утре е Лазарова сабота, најрадосниот детски празник: Еве кои се обичаите!

ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА: Електронските изводи меѓу најбараните услуги, се менуваат законите за институциите да не бараат „хартија“