Утрински Весник
Свет

Судот во Сараево евакуиран поради закана од бомба додека во тек бил судски процес против Владата

Судот во Сараево евакуиран поради закана од бомба додека во тек бил судски процес против Владата

Зградата на општинскиот и окружниот суд во Сараево денеска морала да биде евакуирана поради дојава за поставена бомба, што ги одложи сите закажани судења, вклучително и тужбата против Федерацијата БиХ поднесена од директорот на граничната полиција, Зоран Галиќ. Судската палата во Сараево со часови била празна додека траела безбедносната проверка.

Заканата за бомба дошла веднаш откако во една од судниците било отворено рочиштето за тужбата против владата на Федерацијата БиХ поднесена од актуелниот шеф на државната гранична полиција, а неговиот советник, Свевлад Хофман, рече дека тоа е интересна случајност.

„Симптоматично е што дојавата се случи на самиот почеток на ова судење. Судијката, се разбира, беше принудена да ја прекине постапката“, изјавил Хофман за „Хина“.

Судењето за тужбата на Галиќ е интересно бидејќи се работи за долготрајна постапка во која е блокиран изборот на директор на Полициската управа на Федерацијата БиХ.

Галиќ се пријавил на конкурсот објавен по пензионирањето на поранешниот директор Драган Лукач, а во текот на постапката бил прворангиран на листата на кандидати.

Со оглед на тоа што Аљоша Чампара, кој доаѓа од редовите на бошњачкиот народ, е министер за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, директорот на Полициската управа треба да биде Хрват, па Галиќ го исполнува и тој услов.

Сепак, Владата на Федерацијата БиХ минатата година одби да го потврди неговото именување, па оттогаш со Полициската управа раководи Енсад Корман, како вршител на должност.

Галиќ сега ја тужи владата на Федерацијата поради тоа што не е назначен за директор, иако се исполнети сите законски предуслови.

 

Можете да прочитате

Европската Унија од безбедносни причини ја промени локацијата на состанокот посветен на одбраната

Најголем дел од јавниот транспорт во Бангкок ќе биде бесплатен една недела поради загадувањето

ОН потврди дека САД официјално ја напуштаат СЗО во 2026 година