Утрински Весник
Политички Партии

Николоски: Владата итно да го отфрли предлогот од Париз со кој се прави бугаризација и уништување на Македонија

Николоски: Владата итно да го отфрли предлогот од Париз со кој се прави бугаризација и уништување на Македонија

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски соопшти дека во рамки на Парламентарното Собрание на Советот на Европа остварил бројни средби на кои што разговарал за позициите на Македонија.

„Она што ме загрижува во овие разговори е што бројни соговорници прашуваат како е возможно македонската Влада да прифатила предлог кој што е крајно штетен за Македонија. Што е најдобар доказ дека Владата на СДСМ и ДУИ, Владата на Ковачевски дала согласност за последниот предлог кој што директно ја негира засебноста на македонскиот народ , македонскиот јазик и ја брише историјата и практично значи бугаризација на Македонија. Значи дека Македонија нема да ги почне преговорите со ЕУ и нема да стане членка на ЕУ се додека целосно не се бугаризира. Доколку тоа не се случи Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ“ се вели меѓудругото во соопштението од Николоски.

Тој смета дека „презентирањето на еден ваков предлог од страна на многу сериозна држава како Франција не може да помине без знаење и согласност и од Владата на Бугарија и од Владата на Македонија. И затоа исклучително многу загрижува молкот на Владата на СДСМ и ДУИ по однос на последниот предлог што само го потврдува она што го слушнав деновиве во Стразбур,а тоа е дека Владата за жал дала согласност на овој предлог“.

„Ги повикувам јавно да излезат и да го кажат нивниот став по однос на предлогот, да го отфрлат предлогот затоа што тоа е крајно штетен за Македонија и пред се за Македонците како доминантен народ во Македонија, и на тој начин да ги заштитат македонските национални интереси. Затоа што доколку се прифати овој предлог, овој предлог води кон уништување на Македонија ваква каква што ја познаваме. Овој предлог е дебакл за македонската дипломатија. И овој предлог значи ништо друго освен целосно исполнување на барањата на Бугарија. И затоа истиот треба да биде отфрлен. Во однос на приказните дека Македонија ќе почне преговори со ЕУ повторно се неточни затоа што предлогот јасно говори дека не можат да почнат преговори додека не се смени Уставот на Македонија, за што е потребно двотретинско мнозинство“ вели Николоски.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски требаше да му каже „Не“ на Апасиев, наместо да биде во анти ЕУ коалицијата

ВМРО-ДПМНЕ: Јазикот не е гарантиран, власта на Ковачевски прифаќа Бугарија да ни ги пишува учебниците

СДСМ: Мицкоски рака под рака со Апасиев дејствува против ЕУ