Центарот за граѓански комуникации го објави Извештајот за јавните набавки за заштита од Ковид-19 изработен врз основа на длабочински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во првото полугодие од 2021 година. Мониторираните постапки претставуваат 38 % од сите Ковид-19 тендери во периодот на мониторинг, а нивната вредност од 5,7 милиони евра е 36 % од вредноста на сите Ковид-19 тендери во анализираниот период.
Мониторингот ги детектираше следниве клучни проблеми и ризици од корупција:
И во 2021 година, јавните набавки поврзани со Ковид-19 изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција, иако зад институциите е цела една кризна година на искуство каква што беше 2020. Иако набавувале исти стоки, услуги и работи – отсуствува воедначеност меѓу институциите во описите на предметите на набавка што е случај дури и кај институциите со исти или слични потреби (клиники, КОВИД-центри, итн.).
Цените на набавените стоки се највисоки онаму каде што имало само една понуда или останала само една понуда по исклучувањето на другите во фазата на евалуација. Така, кај набавките на ракавици, онаму каде што имало конкуренција ракавиците чинеле 2,43 денари, а во тендери во кои е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11,21 денар.
Најчесто не постои зависност помеѓу цената и количината на набавените производи во смисла на тоа за поголема количина да се постигнуваат пониски цени и обратно. Па така 5.000 респираторни маски Н95 се купувани по цена од 9,73 денари, а 60.000 вакви маски по цена од 41 денар.
Проценетите вредности на набавките често се неколкукратно повисоки од цените добиени на тендерите или од пазарните цени што укажува на нереално планирање на набавките кое може да биде ризично доколку намерно се остава простор за склучување договори по нереално високи цени со што ќе има и доволно пари за корупција.
Во ниту една од мониторираните постапки за јавна набавка не е почитувана законската обврска за детално образложение за потребата од набавката, во смисла на објаснување зошто на институцијата ѝ се потребни конкретните квалитет и количина од предметот на набавка.
Во некои тендери, дискриминаторски елементи се прикриваат токму во деталните и обемни описи на предметот на набавка, иако стандардот што го наведуваат во себе секако ги вклучува сите тие карактеристики.
Во 20 % од тендерите имало исклучување на понуди, во кои од вкупно 93 понудувачи исклучени се 26, односно 28 %.
Во делот на реализацијата на договорите за јавни набавки, фокусот се става на материјално-финансискиот аспект, а многу помалку на квалитетот на примените предмети на набавка. Забележани се случаи и на набавки на количини кои се значително повисоки од планираните.