Утрински Весник
Македонија

За обнова на водоводните мрежи и третман на урбаните отпадни води, потребни ни се 1,7 милијарди евра

За обнова на водоводните мрежи и третман на урбаните отпадни води, потребни ни се 1,7 милијарди евра

На Северна Македонија ѝ се потребни најмалку 1,7 милијарди евра за да задоволи само одредени членови од две директиви на ЕУ – Директивата за третман на урбани отпадни води и Директивата за вода за пиење, беше потенцирано од Јадранка Иванова раководителка на програмата „Поддршка на Албанија за пристапни преговори во областа животна средина – Поглавје 27“ на денешната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија“, во организација на Институтот за европска политика и Институтот за комуникациски студии, а во рамки на кампањата „„Разбистри сѐ!”.

Таа како долгогодишен експерт во областа на водните ресурси посочи дека во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање во 2017 година била направена анализа, која покажала дека во земјава треба да се изградат 87 пречистителни станици за отпадни води, кои треба да зафатат 98 отсто од сите урбани отпадни води што се создаваат. За нив се потребни 716 милиони евра, кои ќе опфатат и надградба на канализационата мрежа. Дополнителни 507 милиони евра се неопходни за замена и одржување на постојните канализациони системи, како и 180 милиони евра за третирање на милта од идните пречистителни станици.

Дополнително, за спроведување на ЕУ Директивата за вода за пиење потребни се минимум 520 милиони евра за водоводните системи низ земјава, но притоа, калкулацијата е правена врз основа на старата ЕУ директива. Со најновата директива на ЕУ од декември 2020 година, се бараат построги критериуми за обезбедување на вода за пиење преку јавна водоводна мрежа за сите населени места, како и намалување на загубите на питка вода во водоводните системи. Со ова ќе бидат потребни дополнителни средства за спроведување на оваа директива.

Јадранка Иванова спомена дека Северна Македонија има рок до 2041 година за да ги спроведе членовите од овие две ЕУ директиви. Во пристапните преговори со ЕУ, нашата земја ќе има можност во делот на животната средина да побара транзициони периоди, така што спроведувањето на овие членови може да го одложиме за неколку години откако ќе станеме земја-членка на ЕУ.

Сепак, Иванова потенцира дека е потребна свест на политичко ниво и посветена активност од Владата и локалните самоуправи, бидејќи овие средства ни се потребни само за одредени членови од две ЕУ директиви.

„Би напоменала дека прашањето за животна средина станува приоритетно откога ќе отпочнат преговорите. Тоа го покажуваат искуствата од претходните преговарања и од отворањето на пристапните преговори, најголема корист има токму поглавјето Животна средина, коешто всушност ги носи 70 проценти од сите трошоци што една држава ги има во процесот на преговарање“, изјави Иванова, посочувајќи дека речиси идентични проблеми со животната средина има и Албанија.

Сепак, Иванова спомена дека нашата земја не е до толку лоша, туку поприлично добра, особено во делот на третманот на урбаните отпадни води.

„Ако ги спроведеме инвестициите за изградба на пречистителни станици за коишто веќе се обезбедени средства во рамките на ИПА-2, а тоа е Тетово и Битола, како и пречистителната станица во Скопје, ние ќе обезбедиме најмалку околу 50 проценти од нашите урбани отпадни води да бидат прочистени со секундарен третман. Ниту една држава во преговорите, немала таков процент на прочистување“, изјави Иванова.

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски во своето обраќање на конференцијата рече дека во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита.

„Доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење“, рече претседателот Пендаровски.

Слаба алка во нашиот систем, според претседателот Пендаровски, е инспекцискиот надзор, кој оцени дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

Според претседателот, климатските промени дополнително ги усложнуваат проблемите поради фактот што нашата држава се наоѓа во еден од климатски најранливите региони не само во Европа туку и во светот. Како особено загрижувачка ја посочи состојбата со Преспанското езеро.

„Доколку не превземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме. Затоа, проблемот со заштитата на водите не е дневнополитичко, туку егзистенцијално прашање“, рече претседателот Пендаровски.

Професорот Светислав Крстиќ од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје посочи дека состојбата со водите во нашата земја не е воошто розова.

„За жал, во нашиот народ постои едно верување дека ако се испушти некаква материја во речен еко систем, таа исчезнува“, рече тој, дополнувајќи дека ова верување е далеку од вистината.

Професорот Крстиќ додаде дека има најразлични органски и неоргански загадувачи со кои се судираат на терен истражувачите секојдневно и со нивните катастрофални последици.

„Сакам да потенцирам дека загадувањето на водата како бумеранг се враќа врз здравјето на човекот. Тоа е еден факт кој ретко се споменува“, изјави Крстиќ.

Нашите речни системи, во поголем дел од нивните текови, се регистрирани како мртви еко системи, без никаков живот, со драстично натрупување на бројни микробни елементи. Преземањето на европското законодавство во нашата земја е присутно, но нема имплементација на законите. Особен проблем е мониторингот.

„Мониторингот е еден од клучните аспекти кои исто така има многу недостатоци и многу системски недоречености. Мониторингот би требало да ни укаже на тоа што навистина се случува. Ние само регистрираме појави во нашата средина, како што е губењето на водата, а не знаеме зошто се случува“, изјави Крстиќ.

Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј рече дека тековниот мониторинг на квалитетот и квантитетот на водата е несоодветен за да се даде реална слика за моменталната состојба на водните ресурси.

„Нема систематско и континуирано следење и проценка, а властите не можат да добијат соодветни податоци за управување со водите. Отсуството на вистински податоци за статусот на водните тела значи дека се доведува во прашање оправданоста, одржливоста, рационалноста и ефикасноста на политиките и административните мерки за користење и заштита на водата“, изјави Галовеј на конференцијата.

Британската амбасадорка рече дека Северна Македонија има некои од најубавите реки и езера, но нивната заштита претставува предизвик. Сушата во последните години во регионот ја нагласува важноста на осигурување на достапност на вода за пиење за голем дел од населението во руралните области.

Галовеј изјави дека Обединетото Кралство цврсто ја поддржува Република Северна Македонија во континуираната посветеност на националните власти пред предизвиците за управувањето со водените ресурси, во однос на тоа како да се користи и заштити водата.

На проблемот со прочистувањето на урбаните отпадни води се задржа и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој ги спомена актуелните проекти на кои работи државата во моментов.

„Инвестираме во најголемата постројка за третман на отпадни води во Скопје и започнавме проекти за Битола, Кичево и Тетово. Ние сме посветени да имаме чиста вода за пиење за нашите граѓани. Ве повикуваме да работите со нас, да создадете свест за решавање на овие проблеми“, рече министерот Нуредини.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист

Од понеделник се очекуваат нови снежни врнежи