Утрински Весник
Економија

Деспотовски: Инвестираме 15 милиони евра во инфраструктура, ќе помогнеме и во локален економски развој

Деспотовски: Инвестираме 15 милиони евра во инфраструктура, ќе помогнеме и во локален економски развој

Во рамки на новиот концепт, ТИРЗ ги проширува можностите за инвестирање и на локално ниво како и отворање заеднички зони со општините со државна поддршка. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски со градоначалниците на Валандово и Гевгелија, Перо Костадинов и Сашо Поцков, ја започна серијата разговори со повеќе општини, чија цел е развој на модел за привлекување на домашни и странски инвестиции на локално ниво.

„Со општините разговараме како да ги вклучиме и нив и заедно да ги подобриме условите за инвеститорите на локално ниво. Сакаме искуството коешто го имаме со странските инвеститори во ТИР зоните да го развиеме на локално ниво за домашни компании. Во партнерство со општините да вложуваме во подобрена инфраструктура со која ќе привлечеме квалитетни инвеститори кои ќе донесат добро платени работни места, особено за младите во Југоисточниот и Вардарскиот регион,“ порача Деспотовски.

Валандово веќе има две индустриски зони, а Деспотовски и Костадинов разговараа и за отворање на трета индустриска зона со државна поддршка. Двајцата беа во посета на индустриската зона „Јосифово“ и компаниите “ВИК – МАР” која се занимава со откуп и транспорт, како и млекарата “Вардарец”.

„Сакаме директно да ги слушнеме потребите на домашните бизнисмени со цел да креираме подобри услови за нив и да ги поттикнеме да инвестираат овде, дома. Ова е практичен чекор на изедначување на домашните и странските компании што е дел од новиот концепт на ТИРЗ. И нашите домашни компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии, како и странските,“ нагласи Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ најави дека во повеќе зони веќе се спроведува инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура, како и дека се изготвува студија за оправданост за ТИРЗ Гевгелија со која треба оваа за сега неактивна зона да се стави во функција. Градоначалникот на Гевгелија, Поцков изјави дека општината веќе вложува во инфраструктура до зоната со што ќе се забрза реализацијата на плановите за активирање на оваа зона.

Консултациите со други општини ќе продолжат и во наредните денови. Овој процес треба да резултира и со измени во законската регулатива со што значително ќе се олесни инвестирањето на државата во инфраструктурата на индустриските зони на локално ниво.

Можете да прочитате

Мицкоски не очекува поскапување на струјата од 1 јануари

Мицкоски: Од овој месец повисоки плати во образованието

Еве каде можат да се подигнат ваучерите за инвертери