Илјадници демонстранти се собраа во Берлин во знак на протест против мерките воведени за борба против пандемијата.
Демонстрантите тврдат дека овие мерки ги кршат нивните граѓански права и слободи.
Полицијата проценува дека на протестите имало околу 15.000 демонстранти кои не ги поддржуваат владините мерки. Меѓу демонстрантите се најде мал број на ултрадесничари кои го носеа знамето на империјалистичка Германија, пренесува „Ројтерс“.
Протестите избија откако претприемачот Мајкл Балвег упати повик. Балвег беше организатор на слични протести во Штутгарт, каде се кандидираше за градоначалник.
„Наше барање е да се вратиме во демократија“, рече еден од демонстрантите, кој како и повеќето други демонстранти, не носеше заштитна маска.
За разлика од некои други европски земји, Германија беше помалку погодена од пандемијата. Сепак, по првичниот успех, бројот на заразени со вирусот повторно почна да расте. Во моментов има повеќе од 210.000 случаи на заразени и скоро 10.000 смртни случаи од оваа болест во земјата.
Повеќето луѓе се придржуваат кон мерките за заштита како што е носење маски во продавниците, а владата неодамна воведе задолжително тестирање за патниците кои се враќаат во земјата од области со висок ризик.
Сепак, мал број на граѓани се спротивставуваат на мерките против ковид 19, потенцирајќи дека тие се во судир со граѓанските права и слободи и дека имаат негативно влијание врз општеството и економијата.