Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, поднесе приговор до ДИК и бара одговорност зашто името на нивната коалиција „Никогаш Северна – само Македонија“ било тргнато од гласачките ливчиња и наместо тоа останал само редниот број 11.
https://www.youtube.com/watch?v=itnbU7KwpXU
Бачев вели дека се сомнева дека името на нивната коалиција било отстрането од избирачките ливчиња по реакција од страна на грчката амбасада, непосредно пред почетокот на изборниот ден.
„На овие избори останавме безимени. Во последен момент името на коалицијата беше тргнато од гласачкото ливче. Граѓаните беа збунети, но и ние, кога видовме дека стои само редниот број 11 и празно место. 20 дена водевме кампања под овој назив и бевме прифатени од страна на ДИК и заведени под ова име. Затоа денес поднесовме приговор по основ на изборна измама и повреда на избирачкото право на подносителот на листа. Немаме потврдено, но колку што разбравме реакцијата дошла од страна на грчката амбасада, која извршила притисок кај власта и ние останавме безимени. Срамно и штетно е што ни го направија ова“, вели Бачев.
Тој се сомнева и во изборна манипулација со гласовите на нивната коалиција за што поднесе уште еден приговор до ДИК со кој бара увид во над 24 илјади гласачки ливчиња кои се водат како неважечки, а според него требало да бидат гласови на коалицијата.
„Имаме 24.066 неважечки ливчиња на кои е заокружен бројот 11, тоа е глас за нашата коалиција, но до нив стои некаков знак, цртичка или точка и така станале неважечки. Сомнително е како може толку многу гласови да бидат неважечки на ист начин. Затоа бараме увид во неважечките ливчиња кои, според сознанијата од набљудувачите на терен, се многу повеќе од оваа бројка“, изјави Бачев.
Тој додава дека доколку не ги имало овие работи во изборниот процес коалицијата би имала најмалку двајца пратеници во Собранието.