Утрински Весник
Магазин

Британски судија пресуди: Имињата на пријателите на Меган „засега“ ќе останат во тајност

Британски судија пресуди: Имињата на пријателите на Меган „засега“ ќе останат во тајност

Меган Маркл победи во судската битка да ги задржи во тајност имињата на пет нејзини пријатели, во првата фаза од правната постапка на војвотката од Сасекс против британски таблоид за нарушување на нејзината приватност со објавување на приватно и доверливо писмо до татко ѝ.

Меган, сопруга на внукот на кралицата Елизабета, принцот Хари, го тужи „Асошиејтед њузпејперс“, издавачот на „Мејл он сандеј“, за статија во која се објавени делови од рачно напишано писмо кое таа му го испратила на нејзиниот оттуѓен татко Томас Маркл, во август 2018 година.

Во своја одбрана, весникот тврди дека го објавил писмото во февруари 2019 година, откако петмина пријатели на Меган дале анонимни интервјуа за американскиот магазин „Пипл “.

Војвотката тврди дека не ги овластила своите пријатели да зборуваат со „Пипл“ и дека „Мејл он сандеј“ сакал да ги именува за да го искористи правниот спор за комерцијални причини. Таа вели дека откривањето на нивниот идентитет претставува закана за нивната емоционална и ментална благосостојба.

Марк Верби, судија во лондонскиот Висок суд, во средата пресуди дека засега нивните имиња не можат да бидат објавени, но дека тоа може да се промени понатаму во текот на судскиот процес.

„Војвотката сметаше дека е неопходно да го преземе овој чекор во обид да ги заштити нејзините пријатели – како што би направил секој од нас – и на сите ни е драго што судијата донесе ваква одлука,“ изјави извор близок до Меган, говорејќи под услов на анонимност.

„Среќни сме што судијата се согласи да ги заштити овие пет лица“.

Меган и Хари сега живеат во Лос Анџелес со нивниот син Арчи откако се повлекоа од своите кралски должности на крајот на март.

Непријателските односи помеѓу кралската двојка и некои британски весници – кои принцот Хари ги обвини за наметливо, неточно и понекогаш расистичко известување како и „немилосрдна кампања“ против неговата сопруга –  беше една од причините поради кои парот ја напушти Велика Британија и замина во САД, коментираат странски медиуми.

 

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Затемнувањето на Сонцето во Вага ја менува судбината на овие хороскопски знаци

Пиперки во павлака: Зимница за која сите ќе ви бараат рецепт

Зошто пилотот не треба воопшто да има брада?