Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев и предводник на коалцијата „Никогаш Северна-Само Македонија“ поднесе барање до ДИК за поништување на изборите одржани на 15 јули при што обвини за изборен фалсификат.Тој рече дека преку овој документ бара рачно пребројување на ливчињата и оставка на членовите на Државаната изборна комисија.
„Со Заклучокот на ДИК број 08 – 1966/1 од 16 јули 2020 е утврдено дека постојат 1.814.236 гласачи а гласале 942.334 гласачи. Ако од 1.814.236 гласачи се одземат 942.334 гласачи се добива бројката од 871.902 лица кои не гласале, што значи дека толку треба да биде бројката и на неупотребуваните гласачки ливчиња. Но, според напред наведениот заклучок на ДИК, бројот на неупотребуваните гласачки ливчиња изнесува 869.889 што значи дека недостигаат 2.013 ливчиња. Каде се!? Тука се, ама со нив е правен фалсификатот преку т.н. бугарски воз“, изјави Бачев.
Тој ја повика ДИК на одговорност и за бршењето на името од гласачките ливчиња на нивата коалиција „Никогаш Северна- само Македонија“. Според него недозволиво е бришењето името во последен момент пред печатењето на гласачкиот материјал, бидејќи при поднесувањето на листата во ДИК се заведени под ова име.
„Практично ние на изборите настапивме како безимен субјект без да се наведе покрај редниот број во гласачкото ливче и називот на нашите листи: „Никогаш северна – само Македонија“, како што било кај останатите учесници на изборите. Дотолку повеќе, дваесетдневната предизборна кампања ја водевме со називот „Никогаш северна – само Македонија“, така не препознаа бирачите, така не претставуваа и медиумите пред избирачите, а до самиот изборен ден и во изјавите од ДИК до јавноста бевме така најавувани. Но, во последен момент при печатењето на гласачките ливчиња се прави недозволиво бришење на називот на нашите листи: „Никогаш сверена – само Македонија“, изјави Бачев.
Според него недоволниот капацитет на оваа институција се темели и на фактот како што рече дека не ги распределила гласовите како што треба, а сомнеж во целиот процес на пребројување фрла и моментот со паѓањето на серверот на нивната веб-страна.
„После завршувањето на изборите и евидентирањето на гласовите од страна на ДИК, целата јавност виде дека од ДИК погрешно се распоредени дури 80.000 гласови. Патем, индикативно е што „падна“ менито/категоријата на веб-страната на ДИК – изборни резултати, која остана невидлива за јавноста при прикажувањето на резултатите како пристигнуваат од избирачките одбори, а веб-страната на ДИК во останатиот дел беше функционална, иако не може да падне само поддомејн/едно мени/категорија, а во останатиот дел веб-страната да остане функционална“, вели тој.
Што се однесува до приговорите кои ги поднесе оваа коалација, за бришењето на името и за увид во неважечките ливчиња, ДИК ги информирала дека сите приговори од политичките субјекти, вклучително и нивните ќе ги разгледува на првата седница која се очекува да ја закаже в понеделник. Доколку не се уважат нивните приговори, Бачев најави дека правдата ќе ја бараат пред надлежните судови.