
Еден лекар од општа пракса, четири медицински сестри со средна стручна спрема, од кои две за работни места болничарки и еден лаборант техничар со средна стручна спрема ќе станат дел од медицинскиот персонал на ЈЗУ Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберколоза „Јасеново“. Болницата вработи и едно лице за одржување на хигиена.

Како што информира директорот Далибор Таневски, по истекот на огласот за прием на работа, вчера, докторот на медицина полагал стручен испит и англиски јазик додека останатите избрани кандидати биле на интервју. Вработувњето е направено со добиената согласност за вработување од страна на Министерството за здравство.
Тој информира дека во тек е и оглас за прием на еден приватен специјализант по интерна медицина што ќе заврши во понеделник, на 28 јули.
-Со новопримените здравствени работници, конечно ќе се обезбедат минимум потребните услови за нормално функционирање на болницата, појасни Таневски.
Специјализираната болница „Јасеново“ е една од поново реновираните јавни здравствени установи во земјава со обезбедени современи медицински апарати. Инаку Специјализираната болницата „Јасеново“ на пациентите им овозможува комплетни услуги од дијагностика со резултати за кои се чека најмногу четири часа.
Во неа освен од поширокиот велешки регион се лекуват пациенти од целата држава.
Болницата е позната како воздушна бања и македонски Шварцвалд.