Утрински Весник
Свет

Зошто Трамп ја презема контролата врз полицијата и ја испраќа Националната гарда во Вашингтон?

20250813084044 big 730x400 95.webp.webp

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ќе испрати стотици членови на Националната гарда во Вашингтон и ќе ја преземе контролата врз градските полициски сили за да се справи со криминалот.

На прес-конференција, тој прогласи „Ден на ослободувањето“ за градот, ветувајќи дека ќе „го спаси главниот град на нацијата од криминал, крвопролевање, хаос и беда“. Од друга страна, градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, тврди дека градот доживува „огромен пад на криминалот“ и дека „насилниот криминал е на најниско ниво за 30 години“, пишува Би-Би-Си.


Дали насилниот криминал навистина е во пораст?

Во својата извршна наредба, со која прогласува „вонредна состојба поради криминал“, Трамп спомена „растечко насилство“, а на конференцијата постојано повторуваше дека криминалот е „надвор од контрола“.

Сепак, податоците од градската полициска станица (МПДК) покажуваат спротивен тренд. Насилните злосторства се во опаѓање откако го достигнаа врвот во 2023 година, пред да го достигнат најниското ниво за три децении во 2024 година. Прелиминарните бројки за 2025 година покажуваат дека опаѓањето ќе продолжи.

Вкупниот насилен криминал е намален за 26 проценти оваа година во споредба со истиот период минатата година, додека грабежите се намалени за 28 посто. Сепак, Трамп и полицискиот синдикат на Вашингтон ја доведоа во прашање точноста на податоците.

Постојат и разлики во статистиката објавена од МПДК и ФБИ. Додека податоците на МПДК за 2024 година покажаа пад од 35 отсто, ФБИ забележа пад од девет проценти. Иако бројките се разликуваат по процент, двата извори потврдуваат дека криминалот е во опаѓање. Адам Гелб, извршен директор на правниот тинк-тенк Совет за кривична правда (KKJ), истакнува дека трендот на опаѓање е „несомнен и голем“.

-Бројките се менуваат во зависност од временскиот период и видовите криминал што ги разгледувате, рече Гелб. „Но, генерално, има несомнено и големо намалување на насилството од летото 2023 година, кога имаше врвови во убиствата, вооружените напади, грабежите и кражбите на автомобили.“

Што е со бројот на убиства?

Трамп, исто така, тврдеше дека „убиствата во 2023 година достигнаа веројатно највисока стапка досега“ во Вашингтон. Стапката на убиства скокна на околу 40 на 100.000 жители во 2023 година, највисоко ниво за 20 години, според ФБИ. Сепак, ова не е највисоката стапка досега забележана – таа беше значително повисока во текот на 1990-тите.

Стапката на убиства се намали во текот на 2024 година и е за 12 посто пониска оваа година во споредба со истиот период минатата година, според податоците на МПДК. Сепак, студиите сугерираат дека стапката на убиства во главниот град е сè уште повисока од просекот за другите големи градови во САД. До 11 август оваа година, беа регистрирани 99 убиства.

А кражба на автомобили?

Трамп, исто така, спомена дека „бројот на кражби на автомобили се зголемил повеќе од трипати“ во последните пет години. Оваа година, МПДК регистрирал 189 вакви кривични дела, што е намалување во однос на 300 во истиот период минатата година.

Според ККЈ, кражбите на автомобили значително се зголемиле од 2020 година, достигнувајќи врв во јуни 2023 година. За борба против малолетничкиот криминал, полициски час за лица под 17 години е во сила од јули 2025 година.

Споредба со остатокот од САД

-Нивото на насилство во округот останува генерално повисоко од просекот на триесетина градови во нашиот примерок, рече Гелб од ККЈ. „Иако неговиот тренд на опаѓање е во согласност со она што го гледаме во другите поголеми градови низ земјата“, додаде тој.

Анализата на ККЈ, која опфаќа 30 големи градови во САД, покажува дека стапката на убиства во Вашингтон се намалила за 19 проценти во првата половина од 2025 година во споредба со истиот период минатата година, што е малку поголем пад од просечниот. Сепак, во споредба со 2019 година пред пандемијата, намалувањето на убиствата е само три отсто, додека во другите градови намалувањето беше 14 посто.

Би-би-си

Можете да прочитате

Скандал во Полска: Пари од ЕУ завршиле во свингерски клубови и на јахти

Крајнодесничарската АфД за првпат стана најпопуларна партија во Германија

Пожари беснеат низ Европа, силни ветрови го отежнуваат гасењето