Утрински Весник
Магазин

Зошто на Бадник во домот се внесува дабово гранче?

Badnikarce.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Православните христијани на Бадник, вечерта спроти Божиќ, во своите домови внесуваат бадниково гранче или го украсуваат просторот со бадникови гранки, кои всушност се дабови гранчиња.

Традицијата на украсување на домот со бадниково гранче потекнува уште од 4 век, а низ вековите прераснала во еден од најпрепознатливите симболи на Бадник. Бадниковото гранче го симболизира здравјето, животот и вечната среќа, и има силно духовно и симболично значење.

Дабот е избран неслучајно. Уште од дамнина, дабовите дрвја се сметале за најиздржливи, најсилни и највековити, па затоа токму тие станале симбол на долговечноста и животната сила. Според народните верувања, со дабово дрво праведниот Јосиф запалил оган за да го стопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.

Бадниковото гранче често се нарекува и „дрво на животот“, по аналогија со библиското дрво на животот во рајот, кое симболично дарува вечност. Како што дабовото дрво најдолго го задржува жарот, така и оној што го внесува бадниковото гранче во домот верува дека ќе биде благословен со долг живот и здравје, па дури и со вечен живот по смртта.

Според народните верувања, бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост, со внесувањето на дабовите гранчиња во домот, овие особини симболично се пренесуваат на сите членови на семејството.

Можете да прочитате

Древна астролошка техника ја открива вашата судбина во 2026 година

Ова се начини како можете да ја подобрите самодовербата на вашето дете

Лепче со паричка на Бадник или на Василица