Утрински Весник
Економија

Зошто капиталните инвестиции не носат раст? Миноски посочува системски колапс

Img 3141.jpeg

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во објава на социјалните мрежи укажува на сериозен и долгорочен проблем во управувањето со капиталните инвестиции во државниот буџет.

Според неговата анализа на податоците од последните пет години, постои континуиран и значителен јаз меѓу планираните и реализираните капитални инвестиции. Наместо да бидат мотор на економскиот раст, капиталните проекти најчесто се реализираат во далеку помал обем од предвидениот, што, како што наведува Миноски, укажува на системски слабости во планирањето и спроведувањето.

„Капиталните инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата само доколку се реализираат навреме“, потенцира Миноски, додавајќи дека долгите доцнења доведуваат до зголемени трошоци, одложени економски придобивки и зголемена неизвесност која го кочи приватниот сектор.

Како клучни причини за ваквата состојба, тој ги посочува недоволната техничка и правна подготвеност на проектите, нерешените имотно-правни односи, нереално поставените рокови, како и недостигот од стручен кадар во институциите за управување со комплексни инфраструктурни проекти. Притоа, одговорноста за доцнењата, како што наведува, речиси никогаш не се утврдува.

Миноски укажува и на проблеми кај дел од компаниите кои ги реализираат капиталните проекти, посочувајќи слаб проектен менаџмент, ниска продуктивност и ограничена техничка подготвеност. Според него, во услови кога јавните набавки често се доделуваат без вистинска конкуренција, не се избираат најквалитетните изведувачи, туку најповрзаните.

На крајот, поранешниот министер заклучува дека капиталните инвестиции сè почесто стануваат показател за слаб државен капацитет, наместо двигател на развојот. „Потребно е фокусот да се префрли од тоа колку пари се планирани, кон тоа што реално може да се изгради, во кој рок и со каков економски ефект“, порачува Миноски.

Можете да прочитате

До 2027 треба да биде изграден гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија

На 15 декември се затвора трезорот за буџетски плаќања, потврди премиерот Мицкоски

Запишани граѓански обврзници од над 2 милијарди денари, одржана аукцијата за третата емисија