
Ладните дланки и стапала се честа појава кај многу луѓе, особено во студените месеци. Нашиот организам има природен механизам за зачувување на топлината и кога надворешната температура е ниска, телото ја насочува крвта кон виталните органи во торзото. На тој начин се обезбедува непречен доток на кислород до срцето и белите дробови, но се намалува протокот на крв до периферните делови – дланките и стапалата – кои стануваат значително постудени.
Кај некои луѓе, оваа појава се јавува и кога времето е топло. Тие природно имаат послаба циркулација во екстремитетите и нивните дланки и стапала често се студени без оглед на сезоната, па е потребна дополнителна топлинска заштита.
Но, студените дланки и стапала не секогаш се резултат само на температурните разлики. Понекогаш може да бидат симптом на одредени здравствени состојби како анемија, дијабетес, срцеви заболувања, хипотироидизам, Рејнов синдром или недостаток од витамин Б12. Ако оваа појава се појавила неодамна или е придружена со замор, вртоглавица или трнење, се препорачува лекарска консултација.
Интересен и често занемарен фактор е начинот на дишење. Луѓето кои дишат пребрзо и плитко имаат поголеми шанси да развијат студени екстремитети. Ваквиот тип на дишење предизвикува собирање на крвните садови, што го намалува протокот на кислород и ја ослабува циркулацијата. Наспроти тоа, бавното и длабоко дишење преку нос го стимулира лачењето на азот оксид – молекул кој ги шири крвните садови и ја подобрува циркулацијата.
Премногу брзото дишење доведува и до намалување на нивото на јаглерод диоксид во телото, што влијае на pH-вредноста на крвта и ја намалува способноста на хемоглобинот да пренесува кислород до ткивата. Ова, пак, придонесува дланките и стапалата да останат ладни.
Стручњаците советуваат неколку пати во денот свесно да се практикува бавно и длабоко дишење преку нос. Оваа едноставна навика не само што помага при појава на студени екстремитети, туку позитивно влијае и врз целокупното здравје, намалувајќи го стресот и подобрувајќи го протокот на крв.
Правилното дишење е мал, но значаен чекор кон подобрување на циркулацијата и општата благосостојба. Ако ве мачат ладни дланки и стапала, можеби токму дишењето е клучот за решението.


