Утрински Весник
Македонија

ЗНМ и ССНМ: ОЈО да ја отфрли неоснованата кривична пријава на МВР кон новинарот Салиу

Screenshot 2024 04 12 141400.png

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост за поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) кон новинарот Фуркан Салиу за наводно попречување во работата на службено лице и бараме од Основното јавно обвинителство веднаш да ја отфрли.

Кривичната пријава од МВР за попречување службено лице во извршување на својата службена должност кон Салиу, следува откако пред пет дена тој беше приведен од страна на полицијата за време на фудбалски натпревар. Салиу бил присутен на натпреварот во својство на новинар и се обидел да документира инцидент за што бил попречен од страна на полицијата.

Фактот што од досегашните видео материјали од инцидентот не може да се утврди основаноста на кривичната пријава, како и постојаната медиумска хајка од медиуми блиски до политички партии, а на штета на репутацијата на новинарите, отвора простор за сомнеж дека делото воопшто не ни постои.

Воедно укажуваме дека целиот настан е проследен со говор на омраза на социјалните мрежи, што ги доведува новинарите и медиумските работници во лоша и небезбедна состојба во овој чувствителен предизборен период.

Потсетуваме дека ЗНМ и ССНМ побараа случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу и на неговите колеги кои биле присутни на настанот, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања. За жал, наместо расчистување на овој случај и поведување на мерки против полицајците кои извршија неовластен претрес на возилото на Салиу, како и против оние кои користеа прекумерна сила при неговото лишување од слобода, МВР се одлучи кривично да го гони новинарот.

За овој случај поднесена е и формална претставка до Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи (МВР), за апсењето на колегата Салиу каде се истакнаа повредите на правата, и побарано е внатрешната контрола да ги испита овие наводи веднаш, а МВР да преземе соодветни чекори против инволвираните службеници за време на целиот инцидент.

Потенцираме дека ЗНМ и ССНМ солидарно стојат зад колегата Фуркан Салиу и дека правдата за него е правда за сите колеги новинари и медиумски работници во земјава.

За овој случај ЗНМ ги извести меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи и веќе е нотиран аларм за прекршување на правата на новинари во Македонија на Платформата за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите на Совет на Европа.

Можете да прочитате

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година