Утрински Весник
Македонија

ЗНМ: Грубо се прекршени правата на новинарката Симоновска: Повик за итна истрага кој ја снимал неовластено

Znm Ssnm Slika Logoa Za Soopstenie 1024x724 1.png

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради последното прекршување на основните права на нашата членка, новинарката Мирослава Симоновска, поради неовластеното снимање и дистрибуција на видео на кое таа наводно прима документ.

Ова видео, кое беше проследено до национална телевизија од страна на шефот на Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, отвора сериозни прашања за приватноста, незаконското следење и правата на новинарите во Македонија.

Објавата на незаконски снимено видео од новинарката Мирослава Симоновска ја нарушува нејзината приватност и нејзините основни права без разлика што објавениот видео материјал е со заштитени идентитети. Секој новинар има право слободно да се движи и да комуницира со граѓани без страв од незаконско следење или нарушување на приватноста.

Оваа акција, за која веруваме дека е насочена кон застрашување и дискредитација на Мирослава Симоновска поради нејзината критичка работа, особено во однос на истражувањето на високиот јавен обвинител, претставува директен напад врз новинарската независност и претставува закана за сите професионални новинари.

Со ова, се создава опасност од автоцензура и се поткопува клучната улога на медиумите во контрола на власта, особено што не е изолиран случај бидејќи до ЗНМ и ССНМ утрово пристигнаа и други пријави од новинарки кои сведочат за суптилни притисоци за нивни теми поврзани со работата на Вишо јавно обвинителство.

Информираме дека утринава, новинарката Мирослава Симоновска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за неовластено снимање од страна на службено лице.

Бараме од Основното јавно обвинителство итно и без одлагање да спроведе темелна истрага во врска со овој случај и ги повикуваме надлежните институции да ги заштитат правата и безбедноста на новинарите.

ЗНМ и ССНМ ќе ги известат меѓународните организации за поддршка на медиумите за ова скандалозно прекршување на правата на новинарите, кое може да има застрашувачки ефект врз слободата на медиумите во Македонија. Ова сериозно ја загрозува слободата на новинарите, заплашувајќи ги не само нив, туку и сите останати граѓани кои можат да се јават како извори кои би посочувале на злоупотреби во државните институции.

Исто така, упатуваме порака до медиумите случаите каде има сомнително стекнати материјали да ги третираат со особено внимание и строго да ги почитуваат етичките стандарди.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Можете да прочитате

Молика стара 250 години уништена од силен ветер

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци