Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Сузана Вренцовска, од Охрид.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, возилото било запалено на 5 јануари, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано.
Според првичните информации, од ЗНМ велат дека постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт.
-Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент – додаваат од ЗНМ.
Овој случај, како што велат од Здружението, укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава.
-Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес – се вели во сооштението.
ЗНМ ги повикува надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.
-Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите – порачаа од ЗНМ.