Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“ преку отворено писмо го искажа својот став во однос на последните преписки и случувања околу зголемувањето на платите.
„Медицинските сестри во колективните договори се опфатени во малку групи, и на тој начин не се платени по одговорностите како што и заслужуваат! Последните парцијални покачувања на платите по основ на коефициенти, и по основ на додатоци ги остави медицинските сестри на сооднос 1:3 наспроти личните доходи на лекарите по коефициент, односно 1:5 по основ на додатоци на плата“, се наведува во отвореното писмо.
Оттаму бараат да се следи законската рамка која укажува на тоа соодносот да биде 1:2, особено кај сестрите со ССС.
– Покачувањето на платите не го решава и регулирањето на соодносот, туку мора да се направи соодветна измена на коефициентите и зголемување на групите кај медицинските сестри. Нема никаков проблем платата на лекарите да достигне и до 300 000 денари, но и соодносот со медицинските сестри да биде според законската регулатива 1:2. Исто така бараме надзор за почитување на анекс договорот за колективните договори на медицинските сестри бидејќи истиот не се спроведува во голем број болници, се вели во отвореното писмо на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“.
„Конкретно анекс договорот за ВСС се уште не е спроведен во сите ЈЗУ. Во некои е делумно, во некои се спроведе, а за 120 медицински сестри во многу ЈЗУ се уште систематизацијата е параван за неспроведување на анексот договорот, не се поставени со решенија и немаат признаено образование иако земаат финансиски додаток кој патем не се пресметува во платата.
За сите други, дури и непостоечки работни места сведоци сме дека се отвораат нови советнички работни места, односно истите веднаш се реализираат и се поставуваат со решенија.
Со вакви недостатоци во групите на медицинските сестри тие немаат можност да бидат платени по вештини, знаење, искуство… едноставно немаат можност за кариерен развој.
Прашуваме кој е одговорен и зошто се уште не се поставени крајни рокови и надзор за реализација?
Проблемите на медицинските сестри се многу, но во синдикални рамки основен е проблемот со групите и коефициентите во колективните договори, особено кај медицинските сестри со ССС“, се додава во писмото на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“.