
По празничниот период, јануари за многумина носи исто чувство – постојан замор, нарушен сон, пад на концентрацијата и почести настинки. Во зима телото е изложено на помалку сончева светлина, помалку движење и повеќе стрес, што често резултира со недостиг на одредени хранливи материи. Најчесто во фокусот се магнезиумот, цинкот и витаминот Д, но не секому му е потребно истото.
Витаминот Д – незаменлив сојузник во зимските месеци
Во јануари, сонцето ретко е доволно силно за кожата природно да создава витамин Д. Неговиот недостаток може да се манифестира преку намалена енергија, лошо расположение и ослабен имунитет. Кај луѓе кои често се разболуваат или чувствуваат хроничен замор, токму витаминот Д е првиот додаток што најчесто се препорачува.
Цинк – поддршка кога имунитетот попушта
Цинкот игра клучна улога во одбранбениот систем на организмот. Тој му помага на телото побрзо да се избори со вирусни инфекции и придонесува за здравјето на кожата, косата и ноктите. Особено е корисен во периоди на настинки и грип, но неговото земање треба да биде временски ограничено, бидејќи долготрајната употреба во високи дози може да ја наруши рамнотежата на другите минерали.
Магнезиум – тивкиот херој на зимскиот период
Иако често се занемарува, магнезиумот е еден од најважните минерали во периоди на зголемен стрес. Симптоми како мускулни грчеви, напнатост, раздразливост или несоница можат да укажуваат на негов недостаток. Магнезиумот го поддржува нервниот систем, помага во релаксација на мускулите и придонесува за поквалитетен сон. Што е најдобриот избор? Не постои универзален одговор. Потребите зависат од симптомите, секојдневните навики и начинот на живот. Лабораториските анализи, особено за витамин Д, се најсигурниот начин да се утврди што навистина му недостасува на организмот. Сепак, во јануари за многумина добар почеток е комбинацијата од витамин Д и магнезиум, додека цинкот се користи насочено – во моменти кога имунитетот е ослабен.


