Утрински Весник
Македонија

Жичарницата на Водно работела без дозвола додека превезувала деца и туристи, тврди Зајкова

Zajkova 681x464 1.jpg

Жичарницата на Водно со месеци работела без дозвола и претставувала опасност за патниците, предупредува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.

Во објава на социјалните мрежи таа посочува дека Синдикатот на ЈСП веќе алармирал за пропустот, но институциите не реагирале навреме. „Колку скопјани, возрасни и деца, колку туристи биле изложени на ризик по својот живот во овие месеци? Јас лично го носев мојот петгодишен внук до врвот на Водно со истата жичарница… морници ме лазат од помислата што сѐ можело да се случи“, пишува Зајкова.


Таа потсетува дека секоја жичарница мора задолжително да минува годишен технички преглед и вонредни инспекции пред почеток на сезоната, кои треба да ги спроведуваат независни тела, а извештаите да бидат јавно достапни.

Како пример за меѓународна пракса, Зајкова наведува дека во земји како Австрија, Швајцарија и Германија се користат современи сензори за вибрации и странични движења, кои автоматски го стопираат системот при ризик и спречуваат можни катастрофи.

Таа бара воведување на исти стандарди и во Македонија, како и кривична одговорност за раководството во случаи на исклучени безбедносни уреди, игнорирање на техничките несигурности или работа без дозвола.

„Ние не сме статистика, ние сме луѓе. И не мора да ја плаќаме цената со живот поради импровизации и неспособност“, порача Зајкова, додавајќи дека безбедноста мора да биде поставена како апсолутен приоритет.

Можете да прочитате

На „Табановце“ се чека околу 40 минути за излез од државата

Поради пожар во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод – Скопје

Шести ден блокада кај Љубојно против масовната сеча, полицијата казни учесник во протестот поради попречување на патот