
Соопштение за јавност на СДСМ:
„Целата денешна изјава на Мицкоски беше обвиткана во лоша порака, дека ако се случи несреќа, ако падне авионот, сите ќе сфатиме и ќе жалиме, па тогаш ќе разбереме што сакал да каже премиерот. Како може премиер така да зборува? Наместо јасни одговори, не слушнавме објаснување дали авионот бил користен за приватни цели. Молк. Молк за ова, молк за тоа, молк за аферите, молк за криминалите. Седум тони дрога ја потресуваат државата и регионот, а 17 дена од власта нема одговор”, истакна Андреј Жерновски, член на ИО на СДСМ, во дебатната емисија „Само вистина”.
Тој остро го критикуваше однесувањето на Владата и постави директно прашање за приоритетите на државата:
„Сега кога се откажавте од купување на луксузен авион, дали средствата што беа планирани за таа набавка ќе ги насочите за зголемување на минималната плата? Граѓаните заслужуваат јасен одговор, да или не.”, ја праша Жерновски портпаролката на Владата, Марија Митева, и до крајот на емисијата не доби никаков одговор.
Жерновски истакна дека проблемот е системски и дека контрадикторните пораки на Владата зборуваат за забеганост и создаваат несигурност кај граѓаните.
„Не може еден ден да тврдите дека буџетот е во одлична состојба, а веќе наредниот ден да слушаме дека состојбата не е добра, и паралелно да планирате луксузна набавка. Има семејства што живеат во сиромаштија, а Владата зборува за авиони и луксуз. Кога инфлацијата го јаде стандардот, кога на каса недостигаат пари, државата мора да биде на страната на граѓаните”, рече Жерновски.

