Утрински Весник
Македонија

ЗЕЛС со поддршка за предложените измени во Законот за урбанистичко планирање

Zels.png

Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС ги подржува општините во процесот на изградба на капитални проекти од јавен интерес, чија реализација ќе се забрза со предложените измени во Законот за урбанистичкото планирање, кој е во собраниска процедура и каде што се предвидени поедноставени процеси на донесување на плановите како основ за одобрение за градба. Со тоа ќе им се овозможи на општините да реализираат објекти што се исклучиво од јавен интерес (градинки, училишта, амбуланти, катни гаражи…), односно во интерес на граѓаните.

Најголем број општини во земјата во континуитет се соочуваат со неможност да им излезат во пресрет на барањата на своите граѓаните преку изградба на јавни објекти со кои ќе се подобрат услугите и ќе се обезбеди поквалитетно живеење. Причината е што најчесто во реоните во кои има потреба од вакви објекти не се донесени детаљни урбанистички планови или треба да се направат измени на постојните. Донесувањето вакви детаљни планови бара одвојување многу големи финансиски средства (што најголем број од општините ги немаат доволно), но истовремено и што нивното донесување се одвива во еден долг временски период, од најмалку четири, пет до десет години.

Предложените законски измени ќе им дадат можност на општините да ги исполнат барањата на своите граѓани и истовремено ќе ја зголемат одговорноста на општинските совети, кои требаше претходно да дадат зелено светло при одобрувањето на изградбата на секој ваков објект од јавен интерес, велат од ЗЕЛС.

Како дополнителна причина во полза на предложените измени е и обврската за обезбедувањето еднакви можности на сите општини во земјата, кои имаат потреба од градба на јавни објекти, а не таа привилегија да ја имаат само општините што располагаат со поголеми финансиски средства за да издвојат за донесување ваква планска регулатива. Всушност, по неодамна изнесеното ветување на Владата на РСМ дека набргу ќе објави јавен повик до сите општини за финансирање капитални проекти во општините, беше забележано дека токму поради недостиг на изработени детаљни урбанистички планови, повеќето од општините не ќе може да аплицираат за нивно користење. Поддршката од ЗЕЛС оди во насока сите општини да учествуваат со еднакви услови кога се обезбедуваат вакви грантови бидејќи тие средства треба да бидат во полза еднакво на сите граѓани во земјата, се додава во соопштението на ЗЕЛС.

Можете да прочитате

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско

Филипче: Платите на лекарите мора да растат

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре